Евроамбасадорот Михалис Рокас вчера беше во прва официјална посета на Општина Битола. По тој повод тој истакна дека Европска унија останува силно посветени и и дава поддршка на Општина Битола, на градоначалникот Коњановски, на општинскиот Совет и на граѓаните.

– Поддршката на ЕУ е во насока општината, градоначалникот и граѓаните да може да ја искористат можноста што доаѓа со планот за раст и развој на ЕУ, како и можностите што се нудат во рамки на реформската агенда усвоена од Владата – истакна шефот на Делегацијата на ЕУ во земјава, Михалис Рокас.

Рокас ја посети општината Лемос во Грција и присуствуваше на потпишувањето на меморандум за соработка за Преспанскиот басен. Со потпишување на меморандумот градоначалниците на четирите општини во Преспанскиот басен: Пустец и Девол, Преспес и Ресен и формално ќе иницираат процес за формирање Европска група за територијална соработка. (ЕГТЦ). Целта е формално да се поттикне заштитата на животната средина, одржливиот развој и да се зајакне прекуграничната соработка во транснационалниот регион Преспа.

Поддршката на Европската унија за интегрирани и кооперативни пристапи за одржлив регионален развој во рамките на Преспанскиот басен е во согласност со регулативите 1082/2006 и 1302/2013 на Советот на ЕУ.

Регионот на Преспа веќе е корисник на финансиската програма „ЕУ за Преспа“ финансирана од ЕУ во вредност од 21,5 милиони евра, од кои 18 милиони евра, односно 84% се обезбедени од Европската Унија. Веќе се спроведуваат 4 грантови доделени на локални граѓански организации и 2 договори за придонес потпишани со УНДП. Дополнително, финансирање од ЕУ во износ од 7,7 милиони евра е достапно во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу Грција и Македонија за повторно отворање на граничниот премин Маркова Нога –  Герман граничен премин. Рокас на овој премин слушна за планираните работи на двете страни од границата.