Прислушувањето – жежок костен меѓу власта и опозицијата

Народните избраници без голем интерес за пратенички прашања

267

На прсти се броеја пратениците од опозицијата на седницата предвидена за пратенички прашања, која се одржува секоја последна недела од месецот. Едно од најинтересните прашања беше она на пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, кој го праша премиерот Христијан Мицкоски дали се прави партиски упад во сите комисии и регулаторни тела во државата кои, според нивниот модел, треба да бидат независни од централната власт. Како последен пример за партизација Трајчулевски ги спомна именувањата во Советот за граѓански надзор над следењето на електронските комуникации и работата на безбедносните служби. Премиерот му одговори дека за многу скоро време јавноста ќе слушне што се правело со безбедносните служби во текот на мандатот на претходната Влада, а СДСМ ќе се срами и ќе треба да се извини.

– Ве носат во длабоко тие што ви ги даваат прашањата, многу скоро од денеска ќе се срамат, јавноста ќе знае. Се сеќавате на оној проект „Вистината за Македонија“, ќе ја видите невистината на тие што правеле околу прислушувањето, ќе се срамите и ќе излезете да се извините, затоа што во услови на фашистички режими не се следеле и прислушувале луѓе што водат опозициски партии. Убеден сум дека дел од последното раководство на СДСМ не знаело, но дел го правеле за злоупотреба и лична агенда. Но, тоа што се случувало ќе ве згрози, какви мерки се преземале, физичко следење и употреба на недозволени методи. Затоа се плашите вие – рече премиерот Мицкоски, одговарајќи му на пратеникот Трајчулевски.

За партизација на Советот за граѓански надзор на комуникациите, пред да почне пленарната седница, на прес-конференција реагираше и пратеникот Љупчо Николовски, но и лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Николовски појасни дека Советот ја контролира работата на институциите што ги следат комуникациите, прислушувањата и постапува во претставки доколку е прислушуван некој. Од СДСМ обвинија оти претседателот и дел од членовите на Советот се долгогодишни партиски активисти на ВМРО-ДПМНЕ, со што, како што обвинуваат, целосно се урива довербата во телото што треба да биде независно. За оваа, како што ја нарекоа од СДСМ, скандалозна партизација на првиот состав на Советот за граѓански надзор на комуникациите, уште денеска ќе ја информираат меѓународната заедница.

– Ако ВМРО-ДПМНЕ остане глува на овие предупредувања, ќе преземеме и порадикални мерки. Нема да дозволиме враќање на мрачното минато во кое граѓаните беа прислушувани, следени, заплашувани, нема да дозволиме партијата на власт да им го киднапира приватниот живот и да го злоупотреби – рече Николовски на прес-конференцијата во Собранието.

Следното прашање од опозицијата во Парламентот беше она од пратеничката од редовите на ДИУ, Арбана Пашоли. Ја обвини Владата дека спроведува „платформа против Албанците“. Мицкоски ѝ одговори дека „тоа не е платформа против Албанците, туку е платформа против партиските профитери и криминалци“, без разлика на нивната етничка припадност, доколку се осомничени за сторен криминал. Мицкоски ѝ порача на Пашоли заедно да појдат во разгледување на хациендите на ДУИ и да ги споредат нивните имотни листови од пред 20 години и денес. Ѝ предложи на пратеничката да праша некој од Извршниот комитет на ДУИ зошто дел од нивните роднини, за кои веќе има поднесено кривични пријави, не се во земјава и се избегани, и како „се купуваат трговски центри од голобради момчиња“ во центарот на Скопје, како и „деловни објекти од стотици квадратни метри од роднини на високи функционери на ДУИ“, кои, рече, и со помош на алхемија не можеле ни приближно да се стекнат со такво богатство.

– Жалам што, поради тоа што со употреба на европско знаменце, преку политички мускули, донесовте измени во Кривичниот законик, па најголем дел од тие луѓе на кои сега им се обраќам преку вас, нема да може да одговараат. Затоа вие и ги донесовте тие измени на Кривичниот законик за да ги заштитите тие луѓе да не одговараат. Сега се кријат зад превезот на создавањето етничка фрикција. Ние нема да го дозволиме тоа, бидејќи сме одговорна Влада, која се грижи за сите граѓани на Македонија – истакна Мицкоски и ги обвини во ДУИ дека применуваат реторика што е милитантна и има цел да создаде етнички тензии, бидејќи биле немоќни на друг начин да привлечат луѓе што ќе им се приклучат.

– Ви порачувам да се реорганизирате како опозиција. Еве, на пример, во онаа зелена партија што ја промовиравте кога џогиравте на Водно. Албанците се многу паметни во нашата Македонија и тие знаат што правевте изминатите 20 години и ги гледаат белите дворци што се изградија прекуноќ, „ролјс-ројсовите“ што се возат по руралните области – им порача Мицкоски на пратениците од ДУИ.

Во своите одговори на речиси сите прашања, премиерот повторуваше дека обвинителот и оние именувани од „познати адреси“ ги фаќало дијареја, температура, анксиозност кога требало да потпишат налози за истражни постапки против поранешни функционери. Обелодени дека на платниот список на наркокартелите биле луѓе од политиката, обвинители, судии, кои дејствувале во триаголник и кога требало да ги заштитуваат, не биле болни. (П.А)