Лекар од Берлин осомничен за убиство на осум пациенти со „фатална“ мешавина на лекови

31

Лекарот што годинава беше уапсен во Берлин е осомничен дека намерно убил осум од своите пациенти, а во некои случаи се обидел да ги прикрие доказите со подметнување на пожари, објавија денеска германските истражители.

Неименуваниот лекар, кој бил член на тимот за палијативна нега, во моментот на апсењето бил осомничен дека убил четворица постари пациенти во јуни и јули, а потоа се обидел да ги запали нивните станови, пренесуваат медиумите во регионот.

Полицијата и Обвинителството денеска соопштија дека се појавиле дополнителни случаи кога ги прегледале досиејата на пациентите и извршиле форензички прегледи на осомничените жртви, од кои две биле ексхумирани.

Тој првично беше уапсен под сомнение за убиство од небрежност, подметнување пожар и обид за палење. Обвинителите рекоа дека сега ги третираат случаите како убиства бидејќи се чини дека осомничениот немал друг мотив, освен да ги убие пациентите, според написите.

Тој е осомничен дека во јануари му дал смртоносна мешавина на лекови на 70-годишен старец. На почетокот на април следната жртва била 61-годишна жена. Неколку недели подоцна тој наводно убил 83-годишен старец.

Во четвртиот случај во јуни тој наводно убил 70-годишна жена во нејзиниот стан, а потоа го запалил. Пожарникарите успеале да спречат пожарот да се прошири на другиот дел од зградата. Името на осомничениот не е објавено, во согласност со германските правила за приватност. Обвинителите велат дека тој засега се брани со молчење.