Владата одобри 20 милиони евра за финансирање на проектот за изградба на нова подземна гаража кај плоштадот „Скендербег“ во Скопје. Новата гаража ќе има 371 паркинг место, распоредени на две подземни нивоа, со вкупна површина од повеќе од 13.000 квадратни метри.
– Во подземната гаража ќе бидат обезбедени и соодветни паркинг места за лица со посебни потреби. Со таа инвестиција се заокружува плоштадот „Скендербег“ и се демонстрира нашата посветеност кон решавање на инфраструктурните предизвици со кои се соочува нашиот главен град, Старата скопска чаршија, општина Чаир и општина Центар – истакна првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити.
Тој нагласи дека изградбата на оваа гаража е од особено значење за чаршијата и за Чаир и ќе го реши долгогодишниот проблем со недостиг на паркинг-места во овој дел од градот со што се очекува зголемување на бројот на туристите во Старата чаршија.