Во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан, во месецот кога се очекува деблокада на македонските евроинтеграции, бугарските здруженија во Македонија преку заедничка декларација испратија порака дека не прифаќаат „одложено дејство” за нивно внесување во македонскиот Устав. Здруженијата од Скопје, Кавадарци, Прилеп, Битола, Охрид и Струга испратија декларација во која се нагласува дека човековите права на Бугарите во Македонија не треба да станат „заложници на политички или административни процеси“ и дека не ја попречуваат европската иднина на земјава. Здруженијата нотираат дека во согласност со договореното меѓу Скопје и Софија, земјава презела јасно дефинирани обврски кои се дел и од преговарачката рамка и дека за започнување на вистински преговори за членство во ЕУ мора да ги вклучи Бугарите во Уставот.
-Не можеме да прифатиме нашето вклучување во Уставот на Република Северна Македонија да се дефинира како „уцена“, „диктат“ или „пречка“ за европската иднина на земјата. Ниту, пак, можеме да се согласиме со идејата дека нашите права, заедно со правата на другите делови на народите вклучени во Уставот, треба да бидат предмет на „одложено дејство“. Доживеавме доволно одложувања во нашата борба за еднаквост, се вели во Декларацијата што ја објави БТА.
Бугарските здруженија документот го испратиле до македонската претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, до премиерот Христијан Мицкоски, собранискиот спикер Африм Гаши, како и до претседателот и премиерот на Бугарија, претседателите на Европскиот совет, Европскиот парламент и Европската комисија, амбасадорот на ЕУ во Македонија, амбасадорите на земјите членки на ЕУ, САД и Обединетото Кралство во Скопје и шефот на мисијата на ОБСЕ во Македонија. До сите овие адреси, тие реагираат дека прашањето за правата на Бугарите во Македонија се користи како нова форма на стигматизирање на бугарската заедница пред општеството, како тие да се пречката за европската иднина на земјата.
-Ова не е точно и никогаш не било. Ние Бугарите во Република Северна Македонија имаме јасен став дека нашата земја треба да стане дел од ЕУ како што стана дел од НАТО и да биде мајка на сите нејзини граѓани без разлика на нивната етничка припадност. Ние сме цврсто против каков било компромис за нашите човекови права, стои во декларацијата.
Во тој контекст се и пораките што доаѓаат од официјална Софија. Иако се сменија неколку технички Влади изминатиот период, сите опстојуваат на иста линија – дека Македонија мора да ги исполни преземените обврски кон ЕУ. Актуелниот бугарски технички премиер, Димитар Главчев, во однос на уставни измени со одложено дејство, во интервју за БТВ, деновиве рече дека „Бугарија досега веќе направила доволно компромиси и нема да прави други“.
-Jас мислам дека тоа прашање е уредено. Има рамки во кои треба да се движат сите држави членки на ЕУ, вклучително и оние од Западен Балкан, така што нема тема за разговор. Мислам дека доволно компромиси направи Бугарија со своето национално чувство и достоинство, за да прави уште такви, изјави Главчев.
Ставот на македонската страна, исто така, е дека земјава досега направи доволно компромиси и дека нема да презема какви било чекори, пред за тоа да добие јасни сигнали и од Софија и од Брисел дека процесот на интеграција ќе има јасен крај.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на брифинг со новинарите, во понеделникот рече дека државата јасно ги претставила своите аргументи на бројни средби и дека Македонија добива силна меѓународна поддршка за својата позиција во спорот со Бугарија. Како што рече претседателката, значајни европски актери му пренеле на државно-владиниот врв дека земјава направила многу досега и дека сега е ред на Европската Унија да испорача.
Сиљановска Давкова рече дека земјите од Вишеградската група и Белгија искажале поддршка за Македонија и дека од овие земји потекнува оптимизмот дека е можен пробив на македонскиот евроинтегративен пат.
Премиерот Христијан Мицкоски цврсто стои на ставот дека нема да има уставни измени под уцени. Тој вели дека промена на Уставот не се планира во оваа фаза, но рече дека позицијата на Македонија се презентира пред светските партнери. Иако по бројните средби со европски високи претставници, Мицкоски излезе со поголема доза на оптимизам во однос на позициите на земјава и најави дека Владата ќе продолжи да се бори за деблокада на процесот, сепак, тој не очекува значителен напредок во евроинтеграциите до крајот на годината. Во насока на неговата изјава дека „нема да седиме со скрстени раце“ се и претстојните посети на Брисел во два наврати идниот месец – премиерот ќе учествува на самитот ЕУ – Западен Балкан, заедно со значајни европски лидери, а ќе има и бројни билатерални разговори, каде повторно ќе ги презентира македонските позиции. (В.С.Н.)