Евтини производи, сериозни ризици! Облеката од Тему, АлиЕкспрес и Шеин полна со канцерогени супстанци

148

При тестирањето на 26 парчиња детска зимска облека од платформите Temu, AliExpress и Shein, откриени се седум производи кои содржат токсични материи, вклучувајќи фталати, олово и кадмиум.

Властите во Сеул открија високи концентрации на токсични материи во детските производи купени на платформите Temu и AliExpress, кои многу пати ги надминуваат законски дозволените граници. Според владата во Сеул, некои парчиња детска облека од кинески продавач содржеле и до 622 пати повеќе отровни материи од дозволените граници, што беше објавено во официјалното соопштение за печатот, пишува Business Insider, а пренесува Tportal.

На пример, детско палто купено на популарната страница Temu содржеше:

– 622 пати повеќе фталати од дозволената граница

– 3,6 пати повеќе олово од дозволената граница

– 3,4 пати повеќе кадмиум од законски пропишаните нивоа.

Дополнително, детските комбинезони од Temu содржеле 294 пати повеќе фталати од дозволените количини. Фталатите се хемиски соединенија кои ја прават пластиката пофлексибилна, но се знае дека се штетни за репродуктивното здравје. Понатаму, на AliExpress беа пронајдени пар детски чевли со пет пати поголема од дозволената граница на олово.

Фталатите можат негативно да влијаат на репродуктивното здравје, вклучувајќи го и намалениот број на сперматозоиди, неплодноста и ризикот од предвремено породување. Во исто време, оловото и кадмиумот се класифицирани како опасни канцерогени од страна на Министерството за здравство и хумани услуги на САД.

Портпаролот на Temu изјави за Business Insider дека два од седумте споменати производи биле продадени преку нивната платформа, но биле „отстранети преку проактивен мониторинг пред објавувањето на извештајот“. Портпаролот на AliExpress ја потврди соработката со градските власти во Сеул и отстранувањето на спорните производи од продажба.