Македонските љубители на ракометот, по сè изгледа, нема да може да ја гледаат женската сениорска репрезентација на некоја од националните телевизии, во текот на нивниот настап на Европското првенство, кое почнува утре, во Унгарија, Австрија и во Швајцарија.
Поточно, ќе може да ја следат на „Арена спорт“, но не со македонски, туку со српски коментар. Според информациите објавени на сајтот на Европската ракометната федерација, многу ТВ-куќи од регионот, Европа и од светот досега ги откупиле правата за пренос на мечевите, но меѓу нив не е националниот сервис МТВ, ниту некоја од другите ТВ-куќи од Македонија, што не беше случај во минатото, кога националниот сервис однапред ја информираше јавноста дека ќе врши преноси од европските и од светските првенства на најдобрите ракометни селекции.
Македонските љубители на ракометот од утре ќе може да ја следат нашата женска репрезентација, која ќе настапува на ЕП, на „Арен спорт“ или на EHFTV. Информациите од нашиот национален сервис се дека сè уште се преговара со носителот на ТВ-правата и дека е неизвесно дали ќе бидат пренесувани мечевите од континенталниот собир на МТВ, а доколку биде постигнат договор, тоа ќе биде во последен момент |
Но, регионалниот спортски ТВ-канал „Арена спорт“ ги откупи правата за пренос на ЕП во Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија и во Словенија. Во Србија, натпреварите на домашната репрезентација ќе ги пренесува и националниот сервис, исто и во Словенија – РТВ Словенија. Во Хрватска, пренос ќе врши РТЛ, додека во Црна Гора – РТЦС.
Информациите од нашиот национален сервис се дека сè уште се преговара со носителот на ТВ-правата и дека е неизвесно дали ќе бидат пренесувани мечевите од континенталниот собир на МТВ, а доколку биде постигнат договор, тоа ќе биде во последен момент.
Македонија игра со Шведска на отворањето на шампионатот, 28 ноември од 20:30 часот, а потоа ќе следуваат средбите со Унгарија и со Турција. Нашата селекција ги игра овие три натпревари од групната фаза во Дебрецин (Унгарија).
Сите 65 натпревари од шампионатот ќе се пренесуваат во живо и со англиски коментар и ќе бидат достапни на EHFTV – ќе важат геоограничувањата и опциите за претплата. Сопствената OTT-платформа на ЕХФ, исто така, ќе содржи моменти од сите натпревари и извештаи од зад сцената.
На јутјуб-каналот на првенството, љубителите на ракометот може да уживаат во вирални клипови, во дневните моменти, најдобрите голови и одбрани и многу повеќе.
Поврзаните фотографии и видеа за секој натпревар ќе бидат веднаш достапни преку веб-страницата ehfeuro.eurohandball.com. Оваа страница ќе им нуди на љубителите на ракометот редовни ажурирања на вестите и ексклузивни функции и интервјуа во текот на турнирот.