Со 100.000 насадени дрвја, успешно е крунисана третата година од екопроектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“. Последната акција се реализираше во близина на езерото Младост, со масовно пошумување со 35.000 садници на површина што неодамна беше зафатена од пожар.

Во акцијата за пошумување, која се одвиваше викендов, учествуваа речиси 250 вработени од „ДМ дрогерие маркт“, волонтери, како и стручни лица од ЈП „Национални шуми“, кои несебично го дадоа својот придонес за обновување и за зачувување на зелените површини на нашата земја.

За годишната реализација на проектот, компанијата инвестираше повеќе од 1.300.000 денари во форма на донации за набавка на садници и на техничка опрема, а самиот проект се реализираше во неколку етапи.

– Оваа акција, која започна како визија за позелена иднина, денес прерасна во традиција што ја прифаќаат и ја поддржуваат многумина. Посебна благодарност упатуваме до нашите вработени, чии несебични заложби и посветеност се главен двигател на овој проект. Благодарни сме им и на институциите и на граѓаните, кои ја препознаа важноста на овој потфат, активно се вклучија и со кои заеднички успеавме да насадиме вкупно 100.000 дрвја на територијата на нашата држава. Нашата мисија не застанува тука. Продолжуваме со уште поголеми енергија и посветеност, со цел да насадиме уште повеќе дрвја и да придонесеме за здрава и одржлива животна средина за нас и за идните генерации – изјави Кристина Дуранска, менаџер за маркетинг и комуникации на „ДМ дрогерие маркт“.

На 9 ноември беа насадени повеќе од 300 нови садници во „Рајскиот парк“ во Скопје, Општина Аеродром, а само неколку дена подоцна беа посадени над 400 нови садници во дворовите на ОУ „Славејко Арсов“ и во детската градинка „Сончогледи“ во Штип, создавајќи екопријатна атмосфера во дворовите, за децата и за учениците.