Вербалната војна меѓу Тото Волф и Кристијан Хорнер трае веќе со години, а сега шефот на Мерцедес повторно говореше за Британецот.
Сузи Волф, која е една од водечките фигури во Ф1 академијата, пред 12 месеци беше обвинета дека му доставувала доверливи информации на својот сопруг Тото.
Осум тима потоа го поддржаа шефот на Мерцедес во заедничка изјава во која ги отфрлија овие наводи, додека Кристијан Хорнер беше единствениот кој не го стори тоа.
Во интервју за „Гардијан“, Тото Волф се присети на овој настан и го кажа своето мислење за главниот човек на Ред Бул Рејсинг.
- Можам да преголтам многу работи, но кога мојата сопруга беше вмешана во конфликт кој немаше никаква врска со неа, неговата репутација падна во моите очи и тука завршува целата дискусија, истакна Волф.
Волф доби поддршка во овој случај од повеќето тимски шефови, вклучувајќи го и Фредерик Васер.
- Сите беа подготвени, освен Кристијан Хорнер, кој не сакаше да ја потпише заедничката изјава. Се сеќавам дека тој ми рече во тоа време: „Ќе имам посебно интервју за „Скај“ и ќе кажам дека не сум дел од ова. Нема да го потпишам овој документ. Му одговорив дека е во ред и дека веројатно го советувале дека нема да изгледа добро ако тој е дел од нашиот заеднички став, додаде Волф.
После тоа, ФИА одлучи да ја затвори истрагата, но односите што беа заладени во текот на 2021 година меѓу шефот на Мерцедес и Ред Бул станаа значително поладни.
- Мислам дека не можете да се потпрете на она што тој ќе ви го каже, рече Волф.
Шефот на Мерцедес додаде дека смета дека Сузи Волф била колатерална штета на целиот случај.
- Мислам дека нејзините достигнувања како жена возач и личност која придонесе за некои промени не беа доволно почитувани, смета првиот човек на Мерцедес.
Кристијан Хорнер досега не одговори на новите изјави на Тото Волф. Сепак, јасно е дека нивната меѓусебна нетрпеливост уште долго ќе биде тема во светот на Ф1.