Макс Верстапен успеа да го освои четвртиот последователен светски шампионат во Формула 1 и покрај не толку импресивната сезона. Тој дојде до титулата со освоеното петто место на трката во Лас Вегас, а неговиот главен и единствен ривал за титулата, Ландо Норис од Мекларен, заврши една позиција зад него.

Возачот на Ред бул истакна дека оваа титула не му е толку драга како претходната, кога доминираше од првата до последната трка.

  • Да стојам овде како четирикратен светски шампион е нешто за што мислев дека е невозможно. Така, во моментов чувствувам олеснување на душата, но, исто така, сум и многу горд – изјави 27-годишниот холандски возач, а пренесе „Скај спортс“.

Верстапен додаде дека сезоната е многу долга, со одличен почеток и со подоцнежна резултатска криза.

  • Но, како тим, работевме заедно, продолживме да го подобруваме болидот и на крајот ја минавме целта. Неверојатно сум горд за сето она што го направија за мене. На некој начин, сè уште ја претпочитам минатата сезона, многу уживав, но мислам дека повторно научив многу лекции. Така, начинот на кој беше извозена ја прави оваа сезона многу особена и убава – заклучи Верстапен.

Кога ќе го вратиме филмот и ќе ги погледнеме сите титули на светскиот шампион, се чини дека тој најмногу се „испоти“ за оваа четврта титула по првата, која беше историска, особено поради начинот на кој успеа да ја добие и кога започна неговата доминација во Формула 1.

Со четири титули, Верстапен се израмни со учинокот на Себастијан Фетел, кој, исто така со Ред бул, освои четири светски шампионски титули, но потоа застана. И сега ќе има тешка работа да продолжи со оваа серија со титули, бидејќи конкуренцијата е сè посилна, што се гледа по начинот на кој се одвива финишот оваа сезона, а особено во најавите за 2025 и за следната година, кога повеќето тимови ќе целат кон врвот.

Инаку, Луис Хамилтон и Михаел Шумахер сè уште се многу напред по бројот на освоени титули, со по седум, а Верстапен следната сезона може да го достигне Хан Мануел Фанџо, кој има пет.

Инаку, Верстапен оваа сезона не доби никава помош од својот тимски колега, Серхио Перес, за што најдобро зборува тоа што Ред бул е дури на третото место во генералниот пласман кај конструкторите. Пред нив, лидер е Мекларен, додека втор е тимот на Ферари, кој најавува грчевитка битка за престолот.