„Оваа година имаме многу квалитетна продукција, направивме селекција од сите дела што пристигнаа за минијатура и за мал формат, а беа испратени по две од секој автор. Притоа жириравме околу стотина дела. Тоа покажува дека интересот на нашите членови за изложување е навистина голем“, вели Маја Рауник-Кирков, претседател на уметничкиот совет на ДЛУМ. Во рамките на изложбата беа доделени и награди 

Дела во дводимензионален и тридимензионален формат – цртежи, слики, колажи, скулптури, објекти, графики и дела во други техники, од заверавечер се претставени во Културно информативниот центар – Скопје, во рамките на изложбата „Мал формат / Миниартура“ организирана од страна на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Над стотина дела од членовите на ДЛУМ секој засебно раскажуваат своја приказна, уникатна и современа. Во рамките на изложбата беа доделени и четири награди, две од уметничкиот совет на ДЛУМ и тоа за мал формат – која ја доби уметникот Мице Јанкуловски и за миниартура –Росица Лазеска. КИЦ, исто така, додели две награди и тоа „Вангел Коџоман” на Никола Пијаманов за мал формат и наградата „Константин Мазев – Коце” на Јана Јакимовска за мал формат.

„Оваа година имаме многу квалитетна продукција, направивме селекција од сите дела што пристигнаа за минијатура и за мал формат, а беа испратени по две од секој автор. Притоа жириравме околу стотина дела. Тоа покажува дека интересот на нашите членови за изложување е навистина голем. И мал формат и минијатура се поставени во ист простор бидејќи се многу сродни, но и различни. Минијатурата е посебна како инспирација и провокација, потребна е јасна, фокусирана и прочистена мисла, за тој формат да биде изнесен како што треба. Малиот формат пак, од друга страна претставува еден нормален процес на работа на сите нас, бидејќи тука сите дела што ги правиме независно од тоа колку се тие дела големи или мали, сепак во некој мал формат се реализираат како скици. Важно е што оваа изложба не остана на ниво на скица, туку и тој е завршено дело што е исто така провокација за уметниците. Малиот формат не е само дел од работата  и го претставува процесот, во суштина може да биде и е дело каде се гледа завршен ликовен израз“, вели Маја Рауник-Кирков, претседател на уметничкиот совет на ДЛУМ.

Изложбата е поставена од Емил Шулајковски, а дизајнот на каталогот е на Христијан Санев.

Инаку, како што посочуваат и од  ДЛУМ, малиот формат и минијатурата се чести модели на запишување на фази од процесот на реализација на ликовните дела и со тоа се дел од тековната продукција на ликовните уметници. Во тој процес и продукцијата на финални ликовни дела во помал формат е од особено значење, бидејќи дава посебно место на јасната идеја, прецизноста во реализацијата на делата и актуелност на понудениот концепт.

„Значаен аспект е и тоа што имаме 41 година соработка со КИЦ, бидејќи иницијативата е на поранешни членови на ДЛУМ Тофе Шулајковски и Драгутин Аврамовски Гуте кои  ја договорија соработката. Инаку изложбата предизвика голем интерес, меѓу другото и поради таа провокација да се работи мал формат на минијатурни димензии, а авторите секогаш се активни“, вели Јана Манева-Чупоска, претседател на ДЛУМ.

Изложбите Мал формат и МиниАРТура ќе бидат отворени за посета до 28. ноември. Проектот за реализација на изложбата „Мал формат / Миниартура“ на ДЛУМ е поддржан од Министерството за култура и туризам. (Д.Т.)