Јавниот простор во Чаир, која е една од најгусто населените општини во Европа, повторно се узурпира од дивоградба. Од партијата Левица посочуваат дека интензивно се вршат незаконски градежни активности спроти стадионот во Чаир, додека надлежните институции не постапуваат.

– Иако група граѓани поднесоа барање за инспекциски надзор до овластениот градежен инспектор во Општина Чаир, бидејќи инвеститорот работи без одобрение за градба, речиси два месеца нема никаква реакција по поднесеното барање. Дополнително, за ваквото флагрантно вршење кривични дела, поднесена е и кривична пријава до Основното јавно обвинителство, кое повеќе од три месеци не постапува, со што се пречекорени сите законски рокови за постапување, додека на местото речиси е „никната” нова зграда – велат од Левица.

Оттаму потсетуваат дека „дивиот инвеститор во Чаир врши две кривични дела: бесправно градење и узурпација на недвижности, казниви по член 244-а и 225 од Кривичниот законик.

– Иако сите надлежни институции, вклучително и градоначалникот Висар Ганиу, се информирани за ваквото урбанистичко дивеење, нивното непостапување потврдува само едно: дека се работи за криминал заштитен од највисоките ешалони на власта во Општината – велат од Левица.