Законот на негативна енергија предизвикува многу од луѓето да живеат со симптом на недостиг и да бидат незадоволни од тоа што го имаат. Чувствуваат дека не им е доволна љубовта што ја добиваат, дека немаат доволно пари, дека не се доволно убави, паметни, исполнети итн. Таквата перцепција ги прави незадоволни од самите себе, предизвикувајќи им да живеат со законот на отпорот, со ниско ниво на самодоверба и со негативна ориентација кон нештата.
Критиката на самите себеси и на сѐ друго ги исцицува позитивните сили од нас и нè соочува со внатрешен немир и со недоверба. Кога сме под удар на негативната енергија, тогаш и ние самите шириме негативна енергија. Сè додека нашите постапки се одредувани од нашите стравови, поплакувања, завидливост, навредливост и зависност, ние нема да знаеме што сакаме. Ако не знаеме што сакаме, нема да бидеме во мир и хармонија со самите себе. За да бидеме среќни, неопходно е да практикуваме начела што создаваат позитивна енергија и внатрешна хармонија. Треба да се сакаме и да се почитуваме самите себе и да не дозволиме надворешните фактори да ја загрозат психофизичката стабилност на нашата личност.
Оној што е премногу лут на себе, на крајот и не се согласува со себе, а оној што не се согласува со себе – и не е способен да создаде позитивна промена.
Главна обврска на човекот е да го победи стравот. Сѐ додека му се тресат колената, неговото однесување ќе биде ропско, потенцирал шкотскиот филозоф Томас Карлајл.
Умот неретко е примател на разни непотребни информации, кои создаваат ментален хаос, страв и несигурност. Честопати не можеме да најдеме решение, бидејќи нештата не зависат од умот, туку од емоциите. Откако ќе ги хармонизираме своите емоции, тогаш поуспешно ќе се справиме со животните предизвици.
Големо духовно богатство е да бидеме ослободени од лошите емоционални состојби произлезени од минатото.
Лицата што на неубав начин ја прекинале љубовната врска (бракот), честопати продолжуваат да негуваат негативно чувство кон партнерот и со тоа го „токсицираат“ своето битие. Тие си прават лошо на самите себе, бидејќи остануваат врзани за настаните од минатото. Емоционалниот отров опстојува во нивната душа и ќе им треба многу труд за да се ослободат од неубавите чувства.
Треба да работиме на ослободување од токсичните емоции, а не да се врзуваме за сѐ што го блокира напредокот на нашата личност. Клучот е да се хармонизираме на психофизички план, што воопшто не е лесна задача. Разните борби, тешкотии и неуспеси предизвикаа одредени поединци да се чувствуваат изморено и да немаат волја и мотив да работат на својот личен развој.
Емоциите се силна животна сила, оние позитивните како љубовта и радоста го зголемуваат нивото на енергија, а стравот и загриженоста ги трошат нејзините резерви. Дури и апатијата, здодевноста и недостигот на мотивација го исцицуваат нашиот енергетски потенцијал. Од голема важност е и да ја избегнуваме апсорпцијата на туѓите стравови.
Како што напишал д-р Бредли Нелсон во својата книга „Код на емоционалното исцелување“, повеќето од нашите физички и психолошки проблеми се предизвикани од негативните емоционални енергии што не сме биле во можност да ги ослободиме и се блокирани во нашето тело.
Лутината, тагата, стравот, нервозата, љубомората или жалењето носат големо психофизичко трошење и еднакво го оптоваруваат нашиот енергетски потенцијал како и непроспиената ноќ. Жалењето ги засилува негативните невронски патишта во мозокот, така што нашето потсвесно енергетско поле создава повторување на нештата што сме ги имале веќе во својот живот.
Негативните емоционални матрици предизвикуваат депресивно расположение, тие го менуваат нивото на хемиски соединенија во мозокот и создаваат сериозни проблеми на психофизички план. Пред илјадници години, древните исцелители, проучувајќи го човечкото тело, откриле дека кај луѓето во чии животи доминираат одредени емоции се јавиле болести што одговараат на овие емоции. На пример, луѓето чија најчеста емоција е гневот имаат проблеми со црниот дроб и со жолчното кесе, а лицата што се постојано тажни – страдаат од белодробни, абдоминални или од цревни заболувања. Зависта и љубомората влијаат на градите и на главата и може да предизвикаат проблеми со васкуларниот систем. Постојат студии што ја поврзуваат потиснатата лутина со срцевите заболувања и со ослабениот имунолошки систем. Срцето може да настрада доколку се соочуваме со невозвратена љубов или со силен емоционален стрес. Во медицината е познат синдромот на „скршено срце“, произлезен по тежок емотивен или физички настан како што се раскинувањето, губењето на блиска личност, сообраќајна несреќа итн. Според д-р Нелсон, лицата што живеат во постојан страв честопати имаат проблеми со бубрезите и со мочниот меур. Бубрезите може да настрадаат и ако имаме недостиг на љубов. Константниот страв доведува и до хроничен стрес, кој, пак, може да влијае на меморијата и да го зголеми ризикот од кардиоваскуларни болести. Гледано од психолошки аспект, зошто сме под удар на мигрени и на главоболки? Бидејќи премногу анализираме, депресивно се чувствуваме, емоционално се оптоваруваме и не му даваме можност на умот да се одмори и да се опушти. Тагата и потиснатите емоции создаваат проблеми со абдоменот и со органите за варење. Неразрешените трауми, акумулираниот гнев, неприфатеноста и чувството на вина може да бидат значајни фактори за појава на малигно заболување итн. Сите овие нешта укажуваат дека најголемите проблеми произлегуваат од негативните мисли, од акумулираниот стрес и од дисхармоничните емоции.
Каде е решението за подобрување на психофизичката состојба?
Да почнеме со повеќе љубов и внимание да се однесуваме кон самите себе, да негуваме позитивни мисли и емоции и да веруваме дека ќе биде подобро. Главниот предизвик е да ги хармонизираме своите емоции. Тоа воопшто не е лесна задача. Може да размислуваме афирмативно, но ако нашите емоции се вознемирени и напрегнати, тогаш тие му праќаат неубави сигнали на умот. Во таков момент, од голема важност е да бараме начин за да ги смириме нашите емоции. Може да го постигнеме тоа преку прегратка, разговор и поддршка од блиските. Не треба да се плашиме да ги искажуваме нашите емоции. Можеби, токму во тој миг некој ќе ни помогне да најдеме решение за емоционалното страдање со кое се соочуваме.
Музиката, прошетката во природа, возењето велосипед, физичката активност, читањето едукативна книга може да создадат позитивни вибрации. Треба да се бара решение за излез од кризата, а не да се биде затворен во четири ѕида.
Оди на планина, пешачи, трчај, вежбај и преземи активности за надополнување на енергијата. Ако чувствуваш одредена напнатост, излези на чист воздух и престојувај во природа.
Најголемиот спас и смислата на постоењето произлегуваат од потребата да се грижиме за блиските. Некои поединци што биле на граница да си го одземат животот, не го направиле тоа бидејќи имале за кого да се грижат. Во моменти на голема животна криза и на неподнослива душевна болка, одредени лица не успеале да го издржат притисокот и, за жал, одлучиле да си го прекратат животот. Врвната мисија на постоењето подразбира имање цел, визија и потреба да им помагаме на другите. Грижата за својата душа е најскапоцената вредност кон која треба да се стремиме.
Во западниот начин на живеење, најглавни мерила на вредност се статусот, парите и моќта. За љубовта и емпатијата сѐ поретко има место.
Eдно од главните мерила на добриот живот е љубовта. Второ значајно мерило е едукацијата. Колку повеќе знаење толку поголема самодоверба; колку почесто читање книги толку поуспешно справување со искушенијата. Едуцирај се и инвестирај во личниот развој! Волјата, смислата и знаењето ќе ти донесат позитивно решение во кризниот период од животот.
(авторот е проф. д-р по филозофски науки и универзитетски професор)