„Селото ќе вечера во темница“: На социјалните мрежи објавена фотографија на бомбата која експлодира во Книн?

359
Фото: Index.hr screenshot

Дваесет и петгодишен младич загина во експлозија на бомба што се случи синоќа околу 23 часот во Книн, во стан во приземјето на зградата, додека двајца млади мажи на возраст од 25 и 23 години, како и девојка на возраст од 21 година и малолетничка се здобиле со тешки повреди, извести полицијата.

Бомбата на забавата, според полицијата ја донел ранетиот Б.Ч. (25) од спалната соба на својот стан.

„Се случи страшна трагедија. Книн претрпе многу во војната и последиците се видливи децении подоцна. Бескрајно жалам, уште еднаш ги повикувам сите да не го чуваат оружјето или експлозивните направи на дофат на малолетни, возрасни, всушност воопшто“, изјави градоначалникот на Книн, Марио Чаќиќ.

На социјалните мрежи се појави „скриншот“ од објава на едно од лицата кое било присутно на забавата во моментот на експлозијата.

На фотографијата се гледа маса на која има алкохолни пијалаци и рачна бомба, со опис: „Селото ќе вечера во темница“, пренесува порталот feral.news. Засега не се знае дали тој што ја објавил фотографијата е еден од четворицата повредени во експлозијата.

Истражниот тим и полициските службеници за заштита од експлозија врз основа на пронајдените траги на местото на настанот утврдиле дека експлозијата била предизвикана од рачна бомба М-75. Од извршените увиди е откриено дека повредениот 25-годишник од спалната соба на станот во којшто престојувал донел рачна бомба М-75 и ја предал на друг 25-годишник. Како резултат на нестручното ракување, рачната бомба случајно била активирана во раката на 25-годишникот кој починал.