Тротоарите, па дури и сообраќајниците, паркинзите и јавните зелени површини деновиве се натрупани со лисја. Есента е годишно време во кое, нормално, се очекува да паѓаат лисјата, но е потребно некој да ги собере. Но, очигледно е дека надлежните не мрдаат со прст. Или, можеби, ќе преземат нешто откако ќе се случи непогода.
Веднаш до тротоарите на сообраќајниците има шахти и со оглед на тоа што, според временската прогноза од Управата за хидрометеоролошките работи, се очекува, под влијание на влажни воздушни бранови, времето да биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, тие може да се затнат од лисјата и да дојде до поплавување.
Од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ велат дека тие се надлежни за собирање на лисјата само од зелените површини.
– Ние редовно ги собираме лисјата од зелените површини, што е наша надлежност. За да можеме да постигнеме секаде, се работи и во попладневните часови. Инаку, за собирање на лисјата од тротоарите е надлежно јавното претпријатие „Комунална хигиена“ – одговорија од ЈП „Паркови и зеленило“.
Од ЈП „Комунална хигиена“ соопштија дека, по обилните дождови во средата вечерта, започнале со засилени активности за расчистување на булеварите и на поголемите улици во сите скопски општини.
– Во рамките на активностите, се реализираат рачно и машинско метење, како и отстранување на паднатите лисја, со цел непречено одвивање на сообраќајот и движење на пешаците по јавните и по сообраќајните површини – децидни се од претпријатието.
(А.П.)