Граѓаните утринава останаа повторно да чекаат автобуси на станиците. Јавниот градски превоз е во тотален колапс. Од 230 автобуси, биле пуштени само 40 автобуси, а скопјани се снаоѓаа како знаеја и умееја за да стигнат до саканите дестинации.
Тие си помагаа едни на други. Уште од вчера вечерта на социјалните мрежи почнаа да се организираат за превоз. Се нудат слободни места во автомобилите и се посочува релацијата на која ќе се движат. На Фејсбук кружат и објави со апел до граѓаните да се солидаризираат со патниците на кои им е потребен превоз, особено кон повозрасните, кои треба да одат на лекар
Тотален колапс на јавниот превоз во Скопје. Поради немање на гориво, ЈСП задржа голем број од автобусите во гаража и на неколку линии беа пуштени само 40 возила, а 20 од нив се оние еколошките што возат на плин. Малиот број возила не можеа да го примат големиот број патници кои нервозно ги чекаа автобусите и по речиси еден час.
Други, пак, се снаоѓаа како знаеја и умееја за да стигнат до саканите дестинации. Некои тргнаа пеш или со велосипед, а други, пак, телефонски договараат превоз со автомобили. Уште од вчера вечерта на социјалните мрежи почнаа да се организираат за превоз. Во многу групи на социјалните мрежи се нудеа слободни места во автомобилите и се посочуваше релацијата на која ќе се движат. На Фејсбук кружеа и објави со апел до граѓаните да се солидаризираат со патниците на кои им е потребен превоз, особено кон повозрасните, кои треба да одат на лекар.
– Здраво, одам со кола на работа имам место за тројца што ќе им одговара трасата (релација Палмиро Толјати Ченто – Автокоманда- Ист-гејт -Железничка) во 8:20 излагам, можам да ве земам на автобуската пред „Сречко Пужалка“. Пишете ми во приватна порака – е само еден од повиците на оние кои сакаат да помогнат во оваа незавидна ситуација.
Автобуските станици беа преполни со луѓе, а кога по некоја случајност ќе дојдеше автобус луѓето се буткаа за да влезат во него, карајќи се меѓу себе. Возач на автобусот со број 5 коментираше дека е недозволиво метропола како Скопје да остане без јавен превоз.
Очајните кои немаа среќа со јавниот превоз, се обидуваа да побараат такси, но и нив ги немаше, бидејќи беа зафатени.
– Утринава вртев на повеќе такси-компании, но телефоните им беа зафатени. А и ако добиеш ќе те одерат, само старт е 100 денари – коментираше скопјанка.
Од претседателот на Независниот синдикат на возачи при ЈСП, Африм Муча, беше најавено дека автобусите што возат на нафта ќе сообраќаат додека имаат гориво и потоа ќе се повлечат во базите.
– Не ми се верува ова што се случува. Да се остави народот да чека на автобуски станици и да мрзне. Арсовска нека излезе во јавноста да каже што се случува. Таа си оди со службено возило на работа, а народот плаќа месечни карти и не ги добива потребните услуги за тоа. Голем срам – реагира Муча.
Претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, за денеска доцна попладне во 18 часот закажа итна вонредна седница на барање на советниците на СДСМ во Град Скопје. А градските власти ја отфрлаат вината од себе и потенцираат дека „ова е смислено сценарио со кое некој сака да го уништи и приватизира јавниот превоз“.
– Нова криза која го остава ЈСП без нафта, а скопјани без јавен превоз како смислено сценарио за урнисување на претпријатието. За првпат од постоењето на претпријатието се поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП. Кадарот на шефот на ВМРО-ДПМНЕ во Бирото за јавни набавки, Маре Богева, креира криза во ЈСП за гориво, со тоа што за прв пат од постоењето на претпријатието ја поништи редовната јавна набавка за гориво во ЈСП – реагираа градските власти.
Оттаму додаваат дека во исто време и со истото смислено сценарио приватните превозници, кои речиси воопшто не сообраќаат поради револт за неразгледување на нивната иницијатива за зголемување на цената по која возат, менуваат изјава дека не им биле верификувани извештаи за возење.
– А кој ќе им ги верификува кога не возат – децидни се градските власти.
Од Бирото за јавни набавки го предупредија Град Скопје да не шири политикантство, туку да ги запази законските рамки.
– Бирото за јавни набавки постапува професионално. Град Скопје навреме да реагира и да ги искористи законските рамки кои му стојат на располагање да се задоволат итните потреби за гориво до завршување на редовната постапка – соопштија од Биро за јавни набавки.
Основното јавно обвинителство Скопје се огласи дека во врска со јавниот градски превоз ги следи сите информации и оти веќе се дадени одредени насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП.
И партиите денеска даваа свои предлози за решавање на хаосот со јавниот градски превоз. Од ЛДП нагласија дека Скопје не смее повеќе да биде во заложништво на како што велат, волјата на Данела, барајќи таа веднаш да си поднесе оставка. Според нив, колапсот на градскиот превоз изминатите два дена е последното дно кое го допрело моменталното градско раководство.
Од Советничката група на СДСМ побараа Владата под итно да обезбеди 2,5 милиони литри евро-дизел од државните резерви на нафта, да се свика надзорна расправа во Собранието за состојбата во главниот град, како и да се донесат измени за Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив, коишто Собранието треба да ги усвои по скратена постапка за да се обезбеди финансиска стабилност на Градот.
– Состојбата е алармантна – јавниот превоз не функционира. Не е време за политички препукувања, време е за носење итни, разумни одлуки за решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Скопје, но и сите останати граѓани кои секојдневно престојуваат во Скопје – изјави Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Како резултат на револтот на граѓаните, градоначалникот на Општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, ги повика денеска на протест во 13:30 часот пред Град Скопје.
И Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УСС УКИМ) упати отворено писмо до градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, во кое поставува ултиматум за нормализирање на јавниот превоз во Скопје, во спротивно, ќе се приклучат на протестот најавен за денеска.
– По спроведената анкета на која одговорија над 3.150 студенти, 84% од нив во последните денови чекаат автобус повеќе од 15 минути, а 65,9% од нив, чекаат автобус над 20 минути. Дополнително, 93,4% од студентите не се задоволни од квалитетот на јавен градски превоз во градот, а 65,9% од истите воопшто не се задоволни од истиот – велат од УСС УКИМ.
Оттаму напомнуваат дека периодов е колоквиумска недела и се одржуваат редовни предавања на УКИМ, а нередовните линии, неисправните автобуси и долгото чекање на постојките го нарушуваат студентскиот стандард.
Дополнително, УСС апелира за воспоставување на нови и ефикасни транспортни решенија и почнување на предвидените инфраструктурни проекти најавени од страна на градоначалничката и нејзиниот тим во предизборната програма, но и, како што се додава, од страна на претходните градоначалници.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, апелира до градските власти под итно да најдат соодветно решение за јавниот градски превоз. Според анализата на Министерството за образование и наука од Е-дневник, како што изјави Јаневска, нема значајна разлика во отсуствата на учениците.
– Претпоставувам дека учениците и родителите се организираат најдобро што можат нивните деца да стигнат во училиште, но и наставниците имаат разбирање за ова што се случува. Состојбата е многу лоша и срамота е во главниот град да им се оневозможи на учениците да добијат соодветно образование што е загарантирано право со Устав. Се надевам дека ќе се најде решение за оваа ситуација затоа што е недозволиво сите напори што ги правиме, промените што се обидуваме да ги спроведеме за подобрување на квалитетот на образованието, да бидат на некој начин спречувани заради неорганизираност на градските власти – изјави Јаневска.
Таа им даде поддршка и на студентите кои најавија дека денеска ќе се приклучат на протестот пред Град Скопје доколку не се најде решение со јавниот превоз.
(А.П.)
ЈП „Улици и патишта“ в понеделник со механизација ќе ги блокира улиците доколку денеска не земат плата
Целосна блокада на улиците од понеделник најавија вработените во Јавното претпријатие „Улица и патишта“, доколку до утре не им бидат исплатени парите кои им ги должи градот Скопје.
Поради лошото менаџирање на градоначалничката и разрешувањето на директорот Ванчо Умленски, тие велат дека претпријатието повторно, како и минатиот месец, има сериозни проблеми со исплата на платите.
– Донесовме одлука – доколку до петок не се исплати плата, вработените во понеделник, со механизација ќе излеземе пред Градот Скопје. Ова веќе верувајте е неиздржливо. Овие луѓе овдека си ја имаат заработено платата. Работат, ги гледаме по улиците низ Скопје на плус 50 степени, на минус 20. Овие луѓе без плата не можат да работат – вели Марјан Ристевски, претседателот на Конфедерацијата на синдикални организации.
Според него, и други јавни претпријатија од градот, може да се приклучат на протестот бидејќи револтот е навистина голем од нивното нефункционирање.
Влада: Град Скопје ќе добие на заем дел од нафтените резерви
Владата на денешната вонредна седница на која расправаше за недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје, донесе одлука да се вклучи во решавање на проблемот.
Како што информираат оттаму, донесена е одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.
Со ова, додаваат од Владата, се овозможува да му се позајмат на Градот Скопје дел од нафтените резерви на државата.
-Денес, меѓу другото, Бирото за јавни набавки донесе одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје. Со ова се затвора прашањето со настаната тешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај – информираат од Владата.