Трговците да се зауздат, џабе се зголемуваат платите кога цените побрзо растат

Во однос на претходниот месец, трошоците за храна се зголемени за 772 денари, а од јануари досега – за преку 4.800 денари, и тоа како резултат на поскапувањето на основните прехранбени продукти. – Трговците да покажат општествена одговорност и да не се богатат на грбот на граѓаните. Ние џабе бараме повисоки плати кога нив инфлацијата ги јаде предвреме. Цените побрзо растат од платите и цело време сме во трка да ја зачуваме куповната моќ, но не успеваме поради нечесните трговски практики. Затоа бараме Владата да преземе мерки и да почне да ги казнува трговците, во спротивно ќе излеземе на улица – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател на ССМ

1108

Трговците да покажат општествена одговорност и да престанат да се богатат на грбот на граѓаните, бидејќи џабе бараме зголемување на платите кога цените побрзо растат. Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат дека трговците ги злоупотребиле мерките на Владата и неосновано ги покачиле цените на основните прехранбени производи. Оттаму додаваат дека мора да има казни за трговците, бидејќи, во спротивно, граѓаните и работниците ќе излезат на улица. Податоците од Синдикатот покажуваат дека во ноември, за да го преживее месецот, на четиричлено семејство му се потребни над 1.000 евра, односно 62.021 денар. Во однос на претходниот месец, трошоците за храна се зголемени за 772 денари, а од јануари досега – за преку 4.800 денари, и тоа како резултат на поскапувањето на основните прехранбени продукти.

– Трговците да покажат општествена одговорност и да не се богатат на грбот на граѓаните. Ние џабе бараме повисоки плати кога нив инфлацијата ги јаде предвреме. Цените побрзо растат од платите и цело време сме во трка да ја зачуваме куповната моќ, но не успеваме поради нечесните трговски практики. Затоа бараме Владата да преземе мерки и да почне да ги казнува трговците, во спротивно ќе излеземе на улица – изјави за весникот ВЕЧЕР Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.

Тој додава дека барањето на Синдикатот е зголемување на минималната плата до Нова година. Во однос на тоа дека и СДСМ бара зголемување на минималната плата, Пешевски вели дека нивното барање не е за дневнополитички поени, туку за да им се излезе во пресрет на работниците и за да се подобри нивната куповна моќ.

– Мерките на Владата не дадоа резултат, бидејќи цените беа намалени само еден месец, а потоа се вратија по старо. Во октомври, синдикалната минимална кошничка беше намалена за 965 денари, за сега, во ноември, повторно да се качи за 772 денари. Ако земеме споредбено со јануари истава година, ќе видиме дека преку 4.800 денари е зголемена синдикалната потрошувачка кошничка. Бараме итно зголемување на минималната плата, бидејќи месечните трошоци се над 1.000 евра, а една минимална плата не стигнува ни за храна – изјави за ВЕЧЕР Љупчо Радевски, претседател од Сојузот на синдикатите.

И тој потенцира дека Синдикатот не води дневнополитичка кампања, туку ја гледа реалната состојба на трошоците за храна преку податоците за цените во маркетите и на пазарите.

– Наспроти статистичките податоци, кои покажуваат дека инфлацијата паѓа, цените секојдневно растат. Сега, со минималната плата, дури и да порасне на 450 евра, нема да може да се компензира зголемувањето на храната, кое од јануари досега изнесува 4.800 денари – објаснува Радевски.

Но, од Владата не мислат така. Според нив, со мерката есенска потрошувачка кошничка граѓаните заштедиле од 1.200 до 1.500 денари. Оттаму информираат дека веќе се работи на новогодишната кошничка, која ќе важи од 15 декември до 15 јануари. Трговците сами ќе ги изберат производите со пониски цени. Со неа, за 5 отсто ќе се намалат маржите од производителите и уште за 5 отсто од трговците.

(А.С.)