Ќе ги издржи ли бромансата меѓу Трамп и Маск политичките разлики и избувливите темпераменти?

149

Броманса, што означува блиска несексуална врска меѓу двајца или повеќе мажи, е зборот со кој американските и европските медиуми го опишуваат актуелното блиско пријателство меѓу овие моќни луѓе. АФП набројува шест причини поради кои таа би можела да заврши, а „Политико“ нотира дека додека луѓето во опкружувањето на Трамп меѓу себе негодуваат,  новиот американски претседател не може да се засити од Маск

Најбогатиот човек на светот, Илон Маск, речиси во чекор го следи новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп откако завршија претседателските избори на 5 ноември. Не можам да го избркам, се пошегува Трамп минатиот четврток на гала-вечерата на неговиот имот Мар-а-Лаго на Флорида.

-Но, сакам кога е тука. Заврши фантастична работа, неверојатен ум, додаде тој.

Броманса, што означува блиска несексуална врска меѓу двајца или повеќе мажи, е зборот со кој американските и европските медиуми го опишуваат актуелното блиско пријателство меѓу овие моќни луѓе. Но и сè почесто го поставуваат прашањето дали бромансата меѓу најбогатиот човек на светот и новоизбраниот претседател на САД ќе ги преживее големите политички разлики и нивните избувливи темпераменти. Поставувајќи такво прашање, АФП претставува и шест можни области на конфликт меѓу Трамп и Маск.

Една причина која може да доведе до пукање на тиквата, според АФП, е прашањето: кој од нив е шеф. Маск е познат по своите манични работни навики, строгост и водењето на компаниите како лични феуди, каде што неговиот авторитет ретко се доведува во прашање. Од фабричките линии до одборот на директори, тој е навикнат сè да биде по негово. Тој е познат по својата тврдоглавост, па знае нагло да им дава откази на колегите на лице место и понекогаш јавно да ги третира како идиоти. Трамп, пак, тајкунот, кој исто така сака да дели откази и јавно да ги понижува луѓето, бара целосна лојалност и ужива да биде во центарот на вниманието. Тој, исто така, сака да ги сврти своите советници и членовите на кабинетот еден против друг, велат неговите поранешни колеги. На пример, во саботата Маск го поддржа милијардерот Хауард Лутник за министер за финансии, што беше еден од првите тестови на  неговото влијание. Во меѓувреме, Трамп го избра Лутник за министер за трговија.

Втората можна причина за несогласување според АФП би биле климатските промени. Маск инвестираше во фабриката за електрични возила „Тесла“ во 2004 година, делумно поради тоа што беше загрижен за глобалното затоплување. Во 2017 година, тој поднесе оставка од деловниот советодавен совет на Трамп во знак на протест поради неговата одлука да ги повлече САД од Парискиот климатски договор. Трамп, кој климатските промени ги нарекува „измама“, се очекува повторно да ги повлече САД од Парискиот климатски договор, кон кој Бајден одново ги приклучи во 2020 година. Маск неодамна го смени својот став, велејќи му на Трамп во разговорот во живо на Икс: „Ако за 50 до 100 години сме главно одржливи, мислам дека тоа веројатно ќе биде во ред“.

И енергетската транзиција може да биде причина за крај на бромансата. Маск наголемо се обложува на енергетска транзиција, се збогатува со производство на електрични автомобили, а исто така развива домашна технологија за батерии и соларни панели за покриви. Трамп, од друга страна, водеше кампања за „дупчење“ и се очекува да одобри нова инфраструктура и дозволи за фосилни горива, дури и да дозволи екстракција на нафта и гас на заштитеното федерално земјиште.

Агресивниот став на Трамп кон Кина и ризикот од трговска војна меѓу двете најголеми светски економии е потенцијален камен на сопнување меѓу двајцата милијардери. Кина е голем пазар за „Тесла“, компанијата на Маск. Таму е лоцирана една од неговите таканаречени гигафабрики, која се стреми да се натпреварува со брзорастечките домашни производители. Маск никогаш не кажува ништо негативно за владејачката Комунистичка партија, за разлика од кинеските јастреби како Марко Рубио, кој Трамп го избра за негов државен секретар.

И работата на Маск како еден од раководители на новоформираната американска институција која е задолжена да ги намали федералните трошења може да ги скара сега неразделните пријатели. Немилосрден кога станува збор за намалување на трошоците на сопствените компании, Маск доби задача од Трамп да го води Одделот за владина ефикасност (ДОГЕ), кој треба да ги намали владините трошоци. Овие планови речиси сигурно ќе наидат на голем политички отпор, дури и кај републиканците. Како што се приближуваат среднорочните избори, без разлика на што се заштедува, приоритетите на политиката на Трамп може да се разликуваат од оние на Маск.

АФП оценува дека недоразбирања може да има и околу таканаречената биг тек. Сложените односи и личните ривалства на Маск со најголемите технолошки компании во Силициумската долина датираат неколку децении наназад и се очекува тој да се соочи со многу конфликти на интереси во администрацијата.

Дали Маск, кој поседува компанија за вештачка интелигенција, мирно ќе гледа како Трамп го турка „ОпенАИ“, стартап поддржан од „Мајкрософт“ во чие основање пред 10 години Маск имаше клучна улога? Ако основачот на „Амазон“ Џеф Безос успее да го добие вниманието на Трамп, дали Маск ќе толерира ривалот на неговиот „Спејс Икс“ да се доближи до внатрешниот круг на Белата куќа? И тука се крие потенцијален конфликт.

Но, барем засега, бромансата цвета. И додека луѓето во опкружувањето на Трамп меѓу себе негодуваат, како што нотира „Политико“, новиот американски претседастел не може да се засити од Маск.

– Новиот претседател и најбогатиот човек на светот беа речиси неразделни во последните две недели додека Маск разговараше со светските лидери, им се придружуваше на Трамп и членовите на неговото семејство на оброци и беше постојано присутен додека новоизбраниот претседател ја планира својата втора администрација. Сепак, постојат индиции дека влијанието на Маск врз процесот на носење одлуки на Трамп е ограничено. Маск јавно се залагаше за избори и на персоналот и на Сенатот, кои не се реализираа, зашто  отстапувше од востановените ставови на Трамп и на неговиот персонал, пишува „Политико“.