СКОПСКА СОЛИДАРНОСТ: „Да дојдам да ве соберам“, „имам четири места во возилото“, „ви треба превоз во тој правец“….

132
Фото: П. Стојановски

Кој ќе се снајде утрово ќе стигне на работното место, во училиште, на лекар,… Скопјани мора да се снаоѓаат и затоа уште од синоќа на социјалните мрежи се организираат за превоз. Во многу групи на социјалните мрежи се нудат слободни места во автомобилите и се посочува релацијата на која ќе се движат. На Фејсбук кружат и објави со апел до граѓаните да се солидаризираат со патниците на кои им е потребен превоз, особено кон повозрасните, кои треба да одат на лекар.

„Апел до сите што одат на работа со сопствено возило да застанат на најблиската автобуска станица и да прашаат студенти, пензионери дали има некој да превезат до попатната дестинација“, се споделува во фејсбук групите.

„Прочитав дека утре нема да има автобуси. Утре од 6:30 тргнувам од Лисиче и ќе возам кон Карпош. Во автомобилот имам четири слободни места. Доколку на некој му треба превоз во овој правец, нека ми пише каде да застанам да го соберам“, вели една жителка на градот.

Друга жителка напиша:

„Чекав автобус два часа. Утре одам на работа со такси. Релацијата на која одам е од Поликниката во Ѓорче, до Центар. Контактирајте ме ако одите во ист правец“.

На Фејсбук кружат и објави со апел до граѓаните да се солидаризираат со патниците на кои им е потребен превоз.

„Утрово и во текот на денот ако проаѓате со кола покрај автобуска станица и забележите гужвa, застанете качете некое дете или пензионер префрлете ги до школо или болница. Да бидеме луѓе, да се чуваме“, се вели во објавата што се споделува.