Синот на норвешката принцеза Мете-Марит уапсен поради сомнение за силување

201
Фото: EPA-EFE/LISE ASERUD NORWAY OUT

Мариус Борг Хојби, 27-годишниот син на норвешката принцеза Мета-Марит, е уапсен под сомнение за силување, соопшти денеска полицијата.

Полицијата навела дека Мариус Борг Хојби, кого Мете-Марит го добила во врска со извесен Мортен Борг, пред бракот со престолонаследникот Хакон, бил уапсен синоќа, објави Гардијан.

Тој е осомничен дека го прекршил кривичниот закон „во врска со сексуален однос со некој кој е во несвест или од други причини не може да се спротивстави на делото“, а она што полицијата може да го каже за силувањето е дека жртвата не можела да се спротивстави на делото, соопшти полицијата.

Борг Хојби беше приведен на 4 август по инцидент вo стан на жена во Осло доцна вечерта и обвинет за нанесување телесни повреди на лице со кое бил во врска, соопшти полицијата.

Норвешките медиуми јавуваат дека полицијата во тоа време пронашла заглавен нож во еден од ѕидовите на женската спална соба.

Борг Хојби повторно беше уапсен во септември поради наводно прекршување на забраната за задржување. Според полицијата, кога бил уапсен денеска, тој бил во автомобил со наводната жртва од инцидентот во август.

Се вели дека сомнежите поврзани со инцидентот во август вклучуваат семејна злоупотреба, а допрва треба да се донесе одлука дали ќе му биде одреден притвор.

Борг Хојби, за разлика од неговиот полубрат и полусестра – принцезата Ингрид Александра (20) и принцот Свере Магнус (18), нема официјална јавна улога, иако норвешкиот престолонаследник официјално го посвои.