За подобрување на безбедноста, за унапредување на чистота на јавните површини и за зачувување на урбаниот изглед на Македонска Каменица, започна акцијата за отстранување на сите хаварисани возила од јавните корисни површини на територијата на Општината.
Градоначалникот на Општина Македонска Каменица, Димчо Атанасовски, апелираше до граѓаните самостојно да ги пријават хаварисаните возила за дислокација од јавните површини.
– Пријавувањето се врши во просториите на Јавното претпријатие „Камена Река“, во текот на секој работен ден. Воедно, сакаме да нагласиме дека по истекувањето на рокот од 7 дена по добиената опомена, непријавените хаварисани возила ќе бидат отстранети од надлежните служби – соопшти Атанасовски.
Тој додаде дека трошоците за дислокација ќе бидат на товар на сопствениците.
– Хаварисаните и напуштени возила претставуваат сериозен проблем, не само од естетски туку и од безбедносен аспект. Тие зафаќаат простор на паркинзите, го попречуваат движењето на пешаците и на возилата, а воедно може да предизвикаат и несакани еколошки последици – нагласи Атанасовски.
Општина Македонска Каменица ја спроведува оваа акција во соработка со Јавното претпријатие „Камена Река“ и со полициското одделение во Македонска Каменица при МВР, согласно со Законот за управување со дополнителни текови на отпад и членовите 7 и 63 од Законот за безбедност на патиштата и од Законот за јавна чистота.