Со свеченост под мотото „Непокорот е слобода –80 години слободно Тетово“, беше одбележан 19 Ноември, денот во 1944 година кога се ослободени градот и Македонија, во Втората светска војна, од фашистичката окупација.
Општинската организација на Сојузот на борците од Тетово од НОБ 1941-1945 година и граѓаните продолжувачи, како организатори на оваа манифестација, доделија признанија „19 Ноември“ за животно дело, како и за особен придонес во одредена област. Признание „19 Ноември“ за животно дело постхумно добија две личности. За општествен развој, наградата му беше врачена на семејството на поранешниот градоначалник на Тетово, Кочо Тулевски (1921-1995 година), а за медицина и здравствена заштита, на семејството на примариус д-р Драган Филиповиќ.
Потоа, признание „19 Ноември“ за животно дело во областа на спортот доби Крсте Серафимовски, за театарска уметност – Ладомир Савески, за култура – Владимир Кочовски и за музичка уметност – Ибуш Ибраимовски.
Одборот за доделување на признанијата одлучи годинава да им додели награди и на: Драги Неделчески за достигнувањето во фотографската уметност; на ресторанот „Бела Миа“ за особен придонес за градското живеење; на актерите во претставата „Момчето со пругасти пиџами“, од драмското студио „Летечка театарска трупа“, за особено достигнување во театарската игра; на планинарскиот клуб „Љуботен“ за трајни вредности и за позитивен пример преку формирање на патеката во чест на учителот на учениците од ОУ „Братство Миѓени“ – Спортски центар, под раководство на помошник- директорката Даниела Апостоловска.
– Тетово даде три партизански одреди и двајца народни херои: Тодор Циповски-Мерџан и Ѓоце Симовски-Амбарче, кои се втемелени во историјата на нашиот град. Затоа ние, продолжувачите на нивните дела, вечно ќе се сеќаваме и ќе ги славиме. Одбележувањето и чествувањето на овој светол датум на нашиот град, Тетово, како и на други значајни датуми и државни празници, се законска, цивилизациска, а, пред сè, морална обврска и долг кон борците на Народноослободителната армија на Македонија, на нас продолжувачите на нивните дела, надградувајќи ги, чувајќи ги спомените и спомен-обележјата за идните генерации, за заеднички живот за сите во овој град – истакна Лилјана Симовска, претседателка на ОО на Сојузот на борците и на граѓаните продолжувачи.
Дел од свеченоста беа и музичко-сценските настапи на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“, голем број тетовски музичари, хоровите „Менада“ и „Лале“ и актерите од драмското студио „Летечка театарска трупа“.
Во пресрет на свеченоста, се одржаа дваесетина настани, чии медиумски покровител беше Тетово.