Полските здравствени власти денеска повикаа децата да се вакцинираат против детска парализа, откако вирусот беше откриен во канализацијата во Варшава за време на рутинските тестови овој месец.
Главната санитарна инспекција наведе во соопштението дека присуството на вирусот не мора да значи дека луѓето биле болни, но дека оние кои не биле вакцинирани против детска парализа може да бидат изложени на ризик, пренесе АП.
Вакцинациите се бесплатни во Полска за лица помлади од 19 години.
Новите мерки вклучуваат поинтензивно испитување на канализациониот систем во Варшава.
Полиомиелитисот најчесто се пренесува со директен фекално-орален контакт или, поретко, преку контаминирана вода или храна.
Вирусот на детска парализа главно ги погодува децата на возраст под пет години.
Повеќето заразени луѓе немаат симптоми, но во тешки случаи, детската парализа може да го нападне нервниот систем и да предизвика парализа за неколку часа, според Светската здравствена организација.
СЗО проценува дека еден од 200 случаи на полио резултира со трајна парализа, обично на нозете.
Последниот случај на полиомиелитис во Полска е забележан во 1984 година.