Поранешниот светски шампион во бокс, во тешка категорија Мајк Тајсон загуби од Џејк Пол во битката што се најавуваше со месеци, па иако од борбата заработи големи пари, легендарниот боксер открива дека научил и животна лекција.
Борбата прво требаше да се одржи изминатово лето во јули, но беше одложена за ноември поради непријатен чир кој се активирал во телото на Тајсон за време на еден лет кон дома.
Дел од медиумите тогаш пренесоа дека здравјето на поранешниот светски шампион е навистина нарушено, па иако имаше и шпекулации дека ќе ја откаже борбата, тој на крајот се појави во рингот.
Тајсон сега со емотивно обраќање открива дека во јули му бил загрозен животот, па после цела голгота што ја минал, сега се смета за победник и покрај поразот од Пол.
„Ова е една од оние ситуации кога сте загубиле, но сепак сте победиле. Благодарен сум за тоа што се случи минатата ноќ и не жалам што за последен пат влегов во рингот. За малку ќе умрев во јуни. Добив осум трансфузии на крв. Загубив половина од мојата крв, морав да се борам за да застанам на нозе и да се борам“, затоа сметам дека победив.
„Тоа што ме гледаа моите деца како стојам и што завршив 8 рунди со талентиран борец кој е двојно помлад од мене е искуство што не може секој да го има. Ви благодарам“, порача „Железниот Мајк“.