„По патот на виното“ е насловен планинарскиот марш што беше реализиран вчера, во Дисанијата, регион во Неготинско, познат по производството на квалитетни грозје, вино и ракија. Планинарите минаа петнаесетина километри. Настанот беше организиран од планинарите од „Фри хајкерс“, а учествуваа голем број планинари од земјава и од странство.
Планинарската акција започна од селото Долни Дисан. Потоа планинарите ги искачија месностите Чешма Јануица, Венецот и Студена Вода и се спуштија до планинарскиот дом „Дедо Ило Јанчев“. Тие имаа можност да дегустираат лозарски производи од Тиквешијата како ракија, вино, маџун и пчеларски производи што потекнуваат од самата Дисанија, како и други традиционални производи од ова поднебје.
– Целта е да се промовираат прекрасната природа и убавините на Дисанијата, како и локалното производство, а истовремено да се подигне свеста за значењето на здравиот начин на живот како предуслов за добро психофизичко здравје – потенцираа организаторите на настанот.