Ева Лонгорија вели дека нејзините изјави дека ги напуштила САД веднаш по победата на Доналд Трамп на претседателските избори биле погрешно протолкувани.
Таа во едно неодамнешно интервју изјави дека се чувствува привилегирана затоа што „бега од САД“, бидејќи многу луѓе немаат толку среќа.
Ѕвездата од серијата „Очајни домаќинки“ видела дека започнала лавина негативни коментари на интернет, па решила да ја „спушти топката на земја“.
„Не си заминав поради политичкиот амбиент, заминав затоа што ме однесе работата“, додаде таа во новото обраќање до јавноста.
Лонгорија понатаму објасни дека нејзиниот сопруг Хозе Бастон, нивниот шестгодишен син Сантијаго и таа престојуваат во Шпанија и Мексико откако беше испратена во странство да го снима филмот „Земја на жените“ пред речиси три години.
„Таму сум со години, па едноставно не ми се допаѓа што сето тоа е политизирано“, вели актерката родена во Тексас.
„Јас сум горда Американка. Отсекогаш сум била“, истакна Ева.
Актерката (49) беше со Камала Харис и ја поддржуваше во текот на целата кампања.
Таа дури и зборуваше на Демократската национална конвенција во август.