Службите на Општина Центар ја расчистуваат дивата депонија во близина на трговскиот центар „Ист Гејт Мол“ која е во надлежност на Град Скопје, односно јавното претпријатие Комунална Хигиена.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски информираше дека со расчистување на дивата депонија започнале минатата недела.
-Станува збор за депонија од стари двоседи, троседи, фотелји, бела техника, облека и смет. Непостапувањето на градот не не спречи ние да постапиме. Срамота е и недозволиво е ова што се случува. Во нашиот град доаѓаат туристи, а во близина има голем трговски центар. Депониите се потенцијален извор на инфекции. Не само за оваа депонија, туку за сите депонии мора да водиме грижа и да ја подигнеме свеста на повисоко ниво. Сите добро знаеме каде се фрла отпадот и сите треба да водиме поголема грижа за поздрава животна средина. Како општина секогаш ги засукуваме ракавите и бараме решение на проблемите за граѓаните да имаат подобри услови за живот – истакна Герасимовски.
Во месец септември, општината ја расчисти депонијата со смет и токсичен отпад зад ТЦ „Буњаковец“, во кој со месеци биле вселени бездомни лица и зависници. Акцијата беше спроведена по пријава на станарите од околните згради.
Од Општина Центар ги повикуваат граѓаните да пријавуваат дива депонија на телефонскиот број 02 3203 693, или, пак на веб-страницата: https://www.centar.gov.mk/?page_id=6768.