Еден од најголемите тенори на денешницата, но и врвен диригент, освојувачот на 12 Греми музички награди, Пласидо Доминго, за првпат доаѓа во Скопје со премиерен и ексклузивен концерт на 14 март, 2025 година во арена „Борис Трајковски“. Спектаклот го најавува Прагма Продукција во копродукција со Македонската опера и балет.
Пласидо Доминго го заслужи своето место во аналите на операта со ѕвездената кариера која се протега околу 50 години. Како уметник сам по себе и како член на Тројцата тенори, тој стана едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија, вклучително и 12 Греми награди. Тој продолжува да ја зацврстува својата репутација до денес пред публиката ширум светот. И како извонреден пејач и од неодамна и како диригент. Карактеризиран како ренесансен човек од страна на критичарите, награден со почесни титули и престижни награди, Доминго е и претседател на престижниот меѓународен натпревар за пеење Опералија, на кој е и основач, со цел да открие и промовира млади таленти.
Неговиот репертоар вклучува повеќе од 150 улоги, достигнување кое не го направил ниту еден друг артист, со над 4,400 настапи, а потврда за неговиот уметнички статус е фактот што тој е почитуван диригент со повеќе од 600 настапи. Бил почесен уметнички директор на Стогодишниот фестивал Арена ди Верона, како и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и Националната опера во Вашингтон.
Заедно со него, на сцената во арена „Борис Трајковски“ ќе застанат и Марија Жозе Сири е една од водечките сопрани во светот, има богата дискографија со ЦД и ДВД снимки. Нејзиниот репертоар опфаќа дела од Белканто до Веризмо, а таа се издвојува како истакната интерпретаторка на најпознатите хероини на Верди и Пучини. Жорди Бернасер, еден од врвните шпански диригенти денес, редовно диригира во најпрестижните традиционални театри и со реномирани оркестри. Тој ја започнал својата кариера како асистент на Зубин Мехта, Жорж Претр и особено на Лорин Маазел.
Невозможно е да се набројат сите брилијантни оперски улоги кои Доминго ги остварил во неговата извонредна уметничка кариера која непрекинато трае повеќе од половина век, а за ова неверојатно достигнување бил прославен во оперите во Њујорк, Виена, Верона, Милано и Буенос Аирес.