„Цивилизациите најмногу се паметат по поетските дела, од „Гилгамеш“, па сè до крупните поетски величини на XX и овие три децении на XXI век.  Што може да направи поезијата? Да ги отвора душевните интимни простори на поединецот и да поставува клучни прашања кои, исто така, се упатуваат кон поединецот“, вели поетот Ѓорѓо Димоски, годинешниот добитник на државната награда „23 Октомври“, во разговорот за весникот ВЕЧЕР

 

Даниела ТРАЈКОВСКА

Славе Ѓорѓо Димоски е поет, есеист и преведувач, застапуван во многу антологии и преведуван на неколку десетици јазици, основач и долгогодишен претседател на поетскиот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“, a во два мандата бил и претседател на НУ „Струшки вечери на поезијата“. Член е на Друштвото на писатели на Македонија и на македонскиот ПЕН центар. Добитник е на многубројни книжевни награди, „Браќа Миладиновци“,„Ацо Шопов“, „Антево перо“, „Исток-Запад, Гран-при на Европа“, орден „Златна есен – Сергеј Есенин“…, како и на високото државно признание „23 Октомври“, кое сосема разбирливо, како след на неговите ангажмани и творештвото, го добива за долгогодишни остварувања во областа на културата и уметноста.

Годинава одбележувате 45 години творештво, 45 години завиден книжевен опус составен од книги поезија, есеи, книги за деца, преводи… Ангажман што резултираше и со десетици награди, домашни и странски признанија… Како круна на Вашата досегашна работа доаѓа и високото државно признание „23 Октомври“. Што за вас значи оваа наградата која традиционално се доделува на Денот на македонската револуционерна борба?

Наградата  „23 Октомври“  не ја примам само како признание на мојата книжевна посветеност во изминатите четири и пол децении, туку и како потсетување на одговорноста на сите нас да ја негуваме културата и традицијата која нè врзувала низ времето, а денес нè обврзува нашата творечка енергија  да ја насочиме кон можностите и моќта на јазикот што ја поттикнуваат силата на литературата да се слее во сеопштиот европски и светски тек. Задоволството е големо  и поради тоа што наградата го носи датумот на основањето на Внатрешната македонска револуционерна организација, која е основата на создавањето на денешната современа македонска држава.

За Вашето творештво е снимен и документарен филм „Поет на мал народ“ за кој авторот беше награден на фестивалот „Млада камера“ во Уничов, Чешка. Приказната е раскажана преку три ваши песни: „Куќа“, „Траума“ и „Ноќта е црна Liebe Marija“. Како овие песни го отсликуваат вашиот портрет?

Филмот беше снимен по повод  триесет и пет години од моето творештво и беше прикажан во големата сала во киното „Григор Прличев“, а во рамките на „Охридско лето“. Младиот режисер Антонио Велјаноски низ три песни од различни творечки  периоди успеа да го долови мојот поетски портрет, за што не изостана ни наградата во Чешка. Преку песната „Куќа“ беше обележан мојот ран творечки период кога ги откривав и поставував координатите кон поетските светови изнесени во првата книга „Гравири“, а потоа да се рашират и развијат во следни творечки фази, кои на некој начин се претставени преку песните „Траума“ и „Ноќта е црна Liebe Marija“. Во првата мојот интерес е насочен кон мистични теми кои беа мој фокус во последната деценија на XX век, а преку втората ги испитував еуфониските можности на поезија. Тие две поетски насоки  се  развиваа и ширеа во следните неколку книги, а во последните претставуваат синтеза на моите поранешни интересирања.

Претходната награда „Григор Прличев“ ја добивте за поемата „Денес“ во 2023. Како што посочија во образложението членовите на Комисијата, таа се издвоила од останатите пријавени ракописи, нудејќи „драгоцени созвучја со современоста, дискретно актуализирајќи повеќе топоси како, постхуманизам, масовен хазард, миграции и војна“. Која порака ја упатувате до читателот со оглед дека се зафативте со актуелни теми кои го притискаат современиот човек како кризата на субјектот и преиспитување на идентитетот во состојба на неизвесност и соочување со празнина?

Поемата „Денес“ се однесува на времево што го живееме денес исполнето со страв, со опасности што нè демнат, со вознемирувачки треперења, изгубени  и во самите себе и во светот. Содржинската матрица паралелно следи два плана: личен, единката како да се наоѓа на некоја крстосница и се сомнева во секој знак кој покажува некој несигурен правец на движењето и без да има сигурен увид на реалноста влегува во еден кошмар од недоречености, нејасности, замаглени простори во кои ја изгубил човечката доблест и барајќи го сопствениот идентитет во овој постхуманизам останува неутешно сам и дезориентиран, и на општ план: денешниот цивилизиран свет тоне во сопствените измами, хуманото обесчестување достигнува невидени размери, а свесноста дека идеалот за модел на некаква денешна универзалност не успева. Временската граница во поемата е одредена, дејствието започнува кон крајот на февруари 2022 година, со почетокот на Руско-украинската  војна, која во поемата се провлекува како лајт мотив и како симбол на некоја сеопшта апокалиптична војна која демне над овој дехуманизиран цивилизациски свет и завршува кон крајот на август истата година, кога на завршниот ден на фестивалот „Охридско лето“ на репертоар е поставен Моцартовиот „Реквием“, како последна издишка на паднатиот цивилизациски морал. Сепак основната порака би била дека човекот и во најтешки услови може да негува основна човечка доблест и да ги исполнува должностите кои го прават високо морално суштество.

Родум сте од Велестово, Охридско, а основач сте и долгогодишен претседател на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“, кое годинава го имаше своето 36. издание и кое стана своевиден бренд препознатлив во светски рамки. Како дојдовте на идеја за еден ваков собир на поети. Сметате ли и дека самото поднебје е голема инспирација за креативно поетско творење?

Фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“ стана култен интернационален поетски бренд, кој секоја година во средината на август во Велестово ги носи најактуелните светски поетски имиња, а во исто време им посветува внимание и на македонските уметници. Идејата за настанувањето на фестивалот е повеќе од банална. Во 1987 година во Хрватска добив, за тоа време, голема југословенска награда  „Седум секретари на СКОЈ“, пандан на наградата „АВНОЈ“, но оваа само за млади творци од сите области. Правилото беше секој добитник во својата Република да организира промоција на наградата. Овој пат сакав таа промоција да биде во Охрид, но од некакви банални причини со тогашниот директор на домот на културата „Григор Прличев“ не можевме да најдеме заеднички јазик. Мојата последна одлука беше настанот да се одржи во Велестово, моето родно село. На тој настан му се даде големо внимание од страна на тогашниот печат, и го сними и тогашната Телевизија Скопје, со што се отвори голем простор фестивалот да израсне во ова што е денес. Во секој случај и поднебјето го даде својот придонес.

Покрај поезија и есеи, напишавте и неколку книги за деца. Што Ве поттикна да творите токму за најмладата генерација?

Во секој творец скриено е детството и тоа ѕирка од некое тајно катче. Мотивот детство се јавува на различни начини во целокупното творештво на еден автор, но да се пишува за деца претставува исклучителна возбуда, бидејќи не го интерпретираш детството туку, и во сериозна возраст, имаш потреба да си дете. Едноставно – сите сме деца или заробени во светот на детството. Тоа е поттикот нешто да испеам и за деца.

Сметате ли дека поезијата може да поттикне на промени, или барем да влијае работите во едно општеството да се менуваат на подобро?

Прашањето дали поезијата може да поттикне на промени или нешто да смени е универзално прашање, поставувано е насекаде, и најголемите светски поетски авторитети давале своевидни одговори на тоа прашање, но одговорот како да се слева во исто корито – поезијата не може да менува крупни прашања, а истовремено таа ја следи човечката цивилизација од нејзините мугри. Цивилизациите најмногу се паметат по поетските дела, од „Гилгамеш“, па сè до крупните поетски величини на XX и овие три децении на XXI век.  Што може да направи поезијата? Да ги отвора душевните интимни простори на поединецот и да поставува клучни прашања кои, исто така, се упатуваат кон поединецот. Колективот не го занима поезија бидејќи од него таа бара интелектуално соочување. Се има чувство дека поезијата ја изгубила социјалната функција, денес уметноста е заменета со популистички забави и реалити шоуа кои, очигледно им одговараа на затворените интелектуални хоризонти на новите светски интеграции.

Со оглед дека сте еден од најплодните македонски поети, дали веќе работите на нов проект и дали можете да ни откриете за што се работи и во која насока ќе биде насочен вашиот интерес?

Не знам дали сум „најплоден“ македонски писател, можеби имам број на наслови, но моите книги се многу тенки. Јас „човечки“ се мачам да направам песна во која  народски кажано да нема „ѕирка ни проѕирка“. Поетот не треба да прави книга, треба да прави песна. Времето е она што ќе каже што сработил еден поет за својот овоземен живот, а доволно е само една песна да го пренесе во вечноста, така што, по завршувањето на трилогијата со ангажирана поезија сум во потрага по нови поетски предизвици кои ќе го дооформуваат мојот поетски лик. Тоа е сè.

 

Книжевноста треба да поставува прашања кои ќе ја разбудуваат општествената свест

Вашата збирка песни насловена „Грозје од Кукавица“, промовирана неодамна, е последен дел од трилогијатата со, како што ќе речете, неоангажирана поезија. Во однос на класичната ангажирана поезија, која често е и патетична, овде се пародираат општочовечки и национални теми, како стравот, сомнежот, свеста дека е изгубена секоја надеж, химната, најпознатата реченица на Делчев, дека владее логиката на интересот, а не логиката на моралните вредности итн. Дали со оваа книга поезија го кажавте она што најмногу ве мачи како човек и Македонец?

Со оваа своевидна трилогија, а посебно со „Грозје од кукавица“ реков и сакам да повторам дека е време да се испраќаат пораки преку ангажирана поезија и дека поезијата е документ и сведок на едно време. Стиховите во сите три книги се однесуваат на ситуациите што се случуваат и се наметнати во/на Македонија во последните три децении, но и на другите мали (по бројност) народи кои во овој политички еднополарен свет станаа најголеми жртви на неговите господари и постојано главата им е ставена на неизвесен политичко-ветувачки жртвеник и заканувачки над неа стои острицата на евро-светскиот џелат во името на демократијата. Во оваа пригода сакам да кажам дека, иако тоа сега-засега е само илузија, книжевноста треба да ја обнови својата социјална функција, да поставува прашања кои ќе ја разбудуваат општествената свест и ќе се обидува да ја допре затворената партиско-политичка ореова лушпа. Писателот по дефиниција мора да биде ангажиран, да има сила и инспирација да се меша и во јавниот политички живот. Така било и во минатото, кога гласот на писателот правел сериозни политички потреси. Не е доволна една книга да каже што го мачи нејзиниот творец, но доволна е да направи напор да го изведе од сопствениот очај.