Студентски живот: Борба за просек, ама и за стандард

СТУДЕНТИТЕ БАРААТ ПОДОБРИ УСЛОВИ, ВЛАДАТА ЌЕ ОДВОИ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА НИВ

21

Студентите бараат повисок стандард, државата ветува дека студентскиот живот ќе се унапредува. Субвенционираниот оброк од 140 денари и реконструкцијата на домовите се само сегмент од реалното подобрување на стандардот. Парите за топол оброк, вкупно 840 денари, студентите ги добиваат наеднаш, секој понеделник, но не и за недела и празници што не оди во прилог на студентскиот џеб за оние студенти што доаѓаат од внатрешноста и не заминуваат дома секој викенд. Поради реконструкција на домовите, оваа студентска година имаше најмалку легла, со реновирањето на студентските домови „Кузман“, кој се очекува да биде готов следната година во октомври, и „Стив Наумов“, се очекува капацитетот да се зголеми, ама и основните услови за живот, на пример студентите да добијат машина за перење алишта. По најавата од Министерството за образование за доделување на ваучери за таблети, дел од студентите се жалат на слаб интернет во домовите. Барањата од студентите се предизвик за министерството, студентските движења во минатото беа двигател за многу општествени промени во земјава. Министерската за образование Весна Јаневска вели дека како министерство прифатиле неколку барања на студентите, бруцошите да добиваат студентски оброк, почнале со темелна реконструкција на студентските домови, ги олесниле критериумите за аплицирање на стипендиите наменети за студенти запишани на студиски програми за наставен кадар,како и воведување на стипендии за втор циклус на студии.

„Од поважните цели на кои заедно ќе работиме во иднина е иницијативата за модернизација на студиските програми, а ќе се разгледува и можноста за воведување на интердисциплинарни студии на факултетите во Македонија. Мора да го забрзаме процесот на дигитализација на високото образование и воведувањето на електронскиот индекс како опција на сите факултети. Од Владата, следуваат ваучери за набавка на таблет-уреди. Ќе усвоиме нов Закон за студентски стандард, нов Закон за високото образование, а со измени на дел од одредбите во Законот за субвенциониран студентски оброк ќе го зголемиме дневниот износ, но и ќе овозможиме правилно искористување на овие средства за намената за која и треба да бидат искористени,, стои во соопштението на министерката Јаневска по повод Меѓународниот ден на студентите.

И од нејзината матична партија ВМРО-ДПМНЕ велат дека како Влада ќе се залагаат за подобрување на условите на учениците и студентите. Во Буџетот предвиделе 3 милијарди денари повеќе за образованието, средства кои се планираат за изградба и обнова на училишта, модернизација на образовната инфраструктура и обезбедување подобри услови за учениците, изјави Миле Лефков пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

„Образовните работници ќе добијат покачување на платите 7% со мартовската плата. А платите ќе растат во континуитет во наредните години. Во ставката студентски стандард Владата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува повеќе од 30 милиони евра, за 18% повеќе од лани. За ученички стандард, 12% повеќе од минатата година. Енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови, 6 милиони евра. Во овој момент, студентските домови се реконструираат и ќе бидат ставени во функција. Владата на ВМРО-ДПМНЕ го има образованието високо на агендата и тоа ќе продолжи во годините што следуваат – рече Лефков.

Лошите студентски услови и неатрактивноста на државните факултети се само дел од причините поради што младите ги избираат странските универзитети и се иселуваат, тоа го потврди и последниот ревизорски извештај и тој на невладиниот сектор, според кол за една деценија државата изгубила 7.000 илјади бруцоши. Најголем губитник се државните универзитети, каде што бројот на студенти се намалил за 5.000. Во последните 8 години, пак, од Македонија годишно мигрирале по околу 2.500 млади со високо образование, со што ја рангира земјава на високото петто место од ЕУ. (П.А.)