Банките и Владата си подадоа рака – парите од унгарскиот кредит во оптек од наредната недела?!

Премиерот Христијан Мицкоски по средбата со банките најави конечен договор за унгарскиот заем до крајот на наредната недела. Она што досега е договорено е дека унгарскиот кредит од 250 милиони евра, наменет за кредитирање на стопанството, ќе се враќа до 3 години грејс период и до 15 години рок на отплата. -Во однос на каматата, ќе се преговара уште оваа недела, а очекувам дека до крајот на следната недела ќе имаме конечен став. Целта е каматната стапка што ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска, за да може стопанството да добие поевтини кредити - истакна Мицкоски

31

Унгарскиот кредит од 250 милиони евра, наменет за кредитирање на стопанството, ќе се враќа до 3 години грејс период и до 15 години рок на отплата. Но нема конечен договор во врска со каматите кои како свој трошок би го додале банките за фирмите што ќе аплицираат. Премиерот Христијан Мицкоски, по вчерашниот состанокот со Македонската банкарска асоцијација, рече дека се доближуваат ставовите во однос на каматата за унгарскиот заем и дека до крајот на следната недела ќе имаме конечен став за ова прашање и компаниите ќе можат да почнат да ги користат парите.

-Состанокот би го поделил во три дела и тоа: Првиот дел е оној што се однесуваше на рочноста, времетраењето и слично. Вториот дел е желбата да се учествува во проектот и третиот дел е поврзан со каматната ставка. Ќе почнам од вториот дел дека сакаат да учествуваат како Македонската банкарска асоцијација, односно сите нејзини членки изразија желба да учествуваат во овој процес. Во делот на рочноста заземавме исти, заеднички ставови, дека во зависност од барањата на клиентите ќе ја користиме формулацијата до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата. Бидејќи членките кажаа дека има поедини клиенти кои можеби сакаат пократок рок и затоа велиме до три години и до 15 години отплата, изјави Мицкоски.

Во делот на каматата, како што рече, ќе се преговара и оваа недела, а очекувам до крајот на следната недела да се има некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова и би почнале да го аплицираме и да се пренесе на стопанството.

Тој додаде дека целта е каматата на банките да биде што е можно пониска и да се доближи до оние 3,25 отсто камата како услов под кој се подигнати 250-те милиони евра од Унгарија.

-Тие имаат реални трошоци, но да видиме што може реално од тие трошоци да се намали, појасни Мицкоски.

Претходно министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека досега само една банка пројавила интерес дека може да учествува во субвенционирањето на каматата, но интенцијата на Владата е да бидат вклучени сите банки за клиентите да можат да го земат кредитот преку банката со која работат.

– Зборуваме за каматна стапка од 3,25 проценти, односно тука нема да има промена. Тоа е таа каматна стапка по која е земен кредитот од унгарската Експорт-импорт банка. Имавме дискусија во однос на прашањето и за што не се согласија банките, а тоа е да учествуваат на некој начин во субвенционирањето на каматите и да покажат општествена одговорност и да се сподели таа општествена одговорност.  Имено, ние на правиме нешто поразлично од претходно, бидејќи од 2011 година наваму се повлечени 650 милиони евра од различни кредитни линии средства за кои државата ја субвенционирала каматата, рече Димитриеска-Кочоска.

Претходно претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, апелираше што побрзо да се најде заедничко решение за да можат компаниите да ги користат тие пари.

-Имаме состојба во којашто имаш пари на сметката, а не знаеш што да правиш со нив. Значи, еден ден да седат за нас е тоа изгубено време, изјави Азески.

Со парите од кредитот, како што рече ќе му се помогне на стопанството да се преброди периодот до почетокот на следната година, кога имаме обврска за враќање на обврзницата за која што се резервирани пари и нема да се подјадуваат капиталните инвестиции или други со ребаланс на буџетот, туку ќе се искористат за развој на бизнисот.

-Тоа ќе овозможи заедно со другите инвестициони активности што ги најавува Владата на РСМ и оние што ги планираат компаниите ,да внесеме доза на оптимизам дека работите одат кон посакуваната цел, а тоа подразбира раст на економијата поголем од 1,8%, што беше просек во изминатиот период, напиша Азески во својата колумна.

Унгарскиот заем од половина милијарда евра го договорија премиерот Мицкоски и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на Самитот на НАТО во Вашингтон. Законот за унгарскиот заем беше донесен во Собранието на 17 септември, а на 8 октомври во Будимпешта министерката за финансии го потпиша договорот.

Условите под кои е земен кредитот, како што информираше неколкупати досега премиерот, се поволни – 3,25 проценти со три години грејс период и 12 години рок на отплата. Половина од парите се наменети за општините за реализација на капитални проекти, а половина за бизнис-секторот.