Регионалниот пат Р-1102, на потегот од Хиподром до ’Ржаничино, на многу места е сериозно оштетен. Станува збор за многу фреквентен пат по кој дневно поминуваат десетици илјади возила, меѓу кои и многу товарни возила.

Преку Програмата за одржување и заштита на државните патишта која, пак, се реализира преку Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, попозната како ЈП „Македонија пат“, ќе се изврши санирање на коловозот на најоштетените делови и тоа на повеќе локации, при што ќе биде обновена коловозна површина од 30 илјади квадратни метри.

– Во подготовка е проектна програма за изработка на проектна документација за целосна реконструкција со подобрување на геометриските елементи на патот, решавање на одводнувањето на делницата, како и подобрување на режимот на сообраќај со кружни текови на соодветни места со што ќе се олесни протокот на сообраќајот и ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот – вели директорот на ЈП за Државни патишта, Коце Трајановски.

Исто така, тој најави дека се подготвува и проектна програма за изработување на проектна документација за патен јазол „Јурумлери“ на државниот пат А4, кој треба да овозможи врска на населените места Јурумлери и Илинден со автопатот А4 кон Скопје, но и кон Велес и Гевгелија. Локацијата на овој патен јазол е помеѓу патните јазли „Хиподром“ и „Мралино“.

Реконструкција на регионалниот пат Р-1102 започна со гребење на асфалтот на потегот од Хиподром (Ергеле), па сè до населеното место ’Ржаничино. Доколку временските услови се поволни, се очекува реконструкцијата на овој патен правец да се заврши до крајот на годинава.

Трајановски апелира до граѓаните кои гравитираат по оваа делница и секојдневно го користат патот да бидат трпеливи додека трае рехабилитацијата и внимателно  да ги следат сообраќајните знаци заради нивна безбедност, но и заради безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.

(С.Бл.)