Производителите на најмодерни логички и мемориски чипови, тајванскиот гигант „ТСМЦ“ и јужнокорејскиот гигант „Самсунг Електроникс“, но и „СК Хајникс“, како и владите во Тајпеј и Сеул стравуваат дека по преземањето на функцијата, Доналд Трамп би можел да ја стопира програмата на владата на Бајден за подобрување на науката и зајакнување на производството во областа на напредната технологија од 280 милијарди долари (Закон за чипови и наука). ТСМЦ се обврза да изгради три фабрики во Аризона и да вложи фантастични 65 милијарди долари во САД, „Самсунг Електроникс“ најави дека ќе инвестира повеќе од 40 милијарди долари и ќе отвори над 20.000 работни места во Тексас, додека „С.К. Хајникс“ најави инвестиција од 3,87 милијарди и вработување на околу илјада лица во Индијана
Владата на американскиот претседател во заминување, Џозеф Бајден е во трка чија цел е да потроши што е можно повеќе пари за да ги спроведе своите важни проекти пред новоизбраниот претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата и да ги откаже.
Доколку Бајденовата администрација ја постигне целта, победници освен режимот во Киев, кој очекува помош и странски компании, инвеститори на кои Вашингтон им вети дарежливи субвенции доколку ги пренесат своите напредни технологии во САД. Ова особено се однесува на производителите на најмодерни логички и мемориски чипови: тајванскиот гигант „ТСМЦ“ и јужнокорејскиот гигант „Самсунг Електроникс“, но и „СК Хајникс“ (поранешен „Хјундаи Електроникс“).
-Тие се повинуваа и го послушаа истовремениот притисок и додворувањето на Вашингтон и се обврзаа да изградат исклучително скапи и технолошки сложени фабрики на американско тло кои ќе произведуваат најсофистицирани полупроводници. Ова значително ќе придонесе за остварување на стратешките амбиции на владата во Вашингтон за стабилно снабдување со најквалитетни чипови на американската автомобилска и електронска индустрија и за стекнување одлучувачка технолошка предност пред кинеските ривали, пишува РТС.
Сега овие компании, како и владите во Тајпеј и Сеул стравуваат дека по преземањето на функцијата, Доналд Трамп би можел да ја стопира таа програма на владата на Бајден за подобрување на науката и зајакнување на производството во областа на напредната технологија од 280 милијарди долари (Закон за чипови и наука). Програмата на Бајден предвидува 52,7 милијарди долари за развој на индустријата за полупроводници, а владата во Вашингтон одлучи најголемиот дел од колачот да го додели на домашниот производител „Интел“ – 8,5 милијарди долари, но и да даде 6,6 милијарди на „ ТСМЦ“, 6, 4 милијарди на „Самсунг“ и 450 милиони на „СК Хајникс“.
Стравувањата произлегуваат од фактот дека Трамп за време на изборната кампања, вклучително и во интервјуто што му го даде на познатиот јутјубер Џо Роган, само неколку дена пред гласањето, изјави дека е против Законот за чипови и наука бидејќи наложува огромни распределби од државната каса на странски компании. Трамп тврдеше дека ќе ѝ заштеди пари на земјата за субвенции со тоа што ќе ги принуди странските компании да отворат погони во САД со воведување тарифи, што ќе ги поскапи и ќе го спречи извозот во номинално најголемата светска економија. Тоа практично значи дека за време на мандатот на Трамп значителна штета може да претрпат не само извозниците од источноазиските земји и региони блиски до Вашингтон, на кои им се закануваат царини од десет до 20 отсто, туку и инвеститорите кои во текот на владата на Бајден доста ги испразнија паричниците за да ѝ се допаднат на Белата куќа.
Колку брза актуелната американска администрација да го спроведе својот план покажува и тоа што минатата недела владата на Бајден официјално и ги додели на ТСМЦ ветените 6,6 милијарди американски долари. Тој потег се толкува како обид да се доведе Трамп до свршен чин, односно да се оневозможи да го спроведе својот план за укинување на привилегиите за странските компании.
Инаку, логично е парите наменети за странските инвеститори, производители на полупроводници, прво да се доделат на „ТСМЦ“, бидејќи таа компанија се обврза најмногу да инвестира во САД. Имено, овој светски лидер во производството на чипови планира да изгради три фабрики во Аризона и да вложи фантастични 65 милијарди долари во САД. Од друга страна, „Самсунг електроникс“ најави дека ќе инвестира повеќе од 40 милијарди долари и ќе отвори над 20.000 работни места во Тексас, додека „С.К. Хајникс“ најави инвестиција од 3,87 милијарди и вработување на околу илјада лица во Индијана.
Во првата фабрика на „ТСМЦ“ во Америка, која треба да почне со работа следната година, ќе се произведуваат чипови од четири и пет нанометри. Во втората, која треба да почне со производство во 2028 година, ќе се прават чипови од само два и три, а во третата фабрика, која би била вклучена во економските текови во 2030 година, планирано е производство на чипови од два нанометри, кои се на граница на она што е физички можно.
Сепак, како што пренесува РТС, вознемиреноста, според медиумите во источна Азија, не исчезнала целосно бидејќи тајванската компанија стравува дека за да изнуди отстапки администрацијата на Трамп , ако не ја сопре целосно исплатата одобрена од Бајден, би можела барем да ја замрзне и така сериозно да го наруши инвестицискиот циклус и отворањето фабрики. Стравот произлегува од тоа што од доделените 6,6 милијарди до стапувањето на должност на Трамп како претседател на сметката на “ТСМЦ” ќе легне само една милијарда. Исто така, тајванската компанија од американската држава допрва треба да добие пет милијарди долари кредит и даночни олеснувања од 25 отсто. Сето тоа значи дека владата на Трамп сè уште има простор да го редуцира Бајденовиот поттик на економијата и да ја доведе компанијата во сериозни проблеми.