Уапсени се три лица поради ракетите истрелани кон резиденцијата на Нетанјаху

15

Израелската полиција соопшти дека уапсила тројца осомничени рано утринава, откако неколку ракети биле истрелани врз приватната резиденција на премиерот Бенјамин Нетанјаху во градот Цезареја.

Надлежните соопштија дека премиерот и неговото семејство не биле во резиденцијата кога ракетите биле истрелани синоќа и паднале во дворот, нагласувајќи дека нема повредени и не е причинета штета.

Единицата за големи злосторства на израелската полиција и безбедносната служба Шин Бет го истражуваат инцидентот, за кој велат дека „означува опасна ескалација“, пишува „Тајмс оф Израел“.

Полицијата не соопшти детали за осомничените, но официјални лица укажуваат на домашните политички критичари на премиерот Нетанјаху, според АП, пренесува Танјуг.

Критичарите го обвинуваат Нетанјаху за безбедносните и разузнавачките пропусти што го овозможија нападот врз Израел од страна на Хамас на 7 октомври 2023 година и го обвинуваат дека не е ни блиску до постигнување договор со Хамас за ослободување на заложниците што милитантната група ги држи во Појасот Газа.

Израелскиот претседател Исак Херцог го осуди овој инцидент и предупреди на „ескалација на насилството во јавната сфера“.

Инцидентот го осудија лидерот на опозицијата Жаир Лапид и претседателот на Националното единство Бени Ганц и повикаа „одговорните да бидат изведени пред лицето на правдата“ во согласност со законот.

Министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир изјави дека „поттикнувањето против премиерот Бенјамин Нетанјаху ги преминува сите граници“ и дека синоќешниот инцидент „преминува уште една црвена линија“.

Министерот за финансии Безалел Смотрич истакна дека „насилството ги нагризува темелите на израелската демократија“.

„Агенциите за спроведување на законот и безбедносниот естаблишмент мора да се вразумат и да реагираат пред да биде предоцна“, рече Смотрич на платформата Х.

Ова не е прв ваков напад врз резиденцијата на Нетанјаху.