Суд во Велика Британија осуди четири тинејџери: Убиле двајца тинејџери со ладно оружје поради погрешна идентификација 

31

Четворица тинејџери и еден возрасен маж денеска беа прогласени за виновни пред суд во Велика Британија за убиство на две момчиња со ладно оружје – кои ги помешале со други луѓе. Овој случај ја шокира Британија, која веќе е „на штрек“ поради се почестите напади со нож.

Жртвите, Мејсон Рист (15) и Макс Диксон (16), на 27 јануари оделе да купат пица во продавница во близина на нивните домови во Бристол на југозападна Англија, кога четири млади момчиња почнале да ги бркаат и на крајот ги нападнале – со мачети, меч и палка.

Нападот не траел повеќе од половина минута. Жртвите починале неколку часа подоцна во болница од здобиените повреди.

Четири млади напаѓачи, од кои тројца се на 15, 16 и 17 години, а четвртиот е едвај возрасен (18), потоа избегале со автомобил управуван од возрасен маж по име Ентони Снук (45).

За време на петнеделното судење во Бристол, обвинителот на Кралството Реј Тули рече дека Рист и Диксон починале како резултат на ривалството меѓу нивната населба Ноул Вест и соседниот Хартклиф.

Според Тали, Рист и Диксон по грешка биле идентификувани како извршители на нападот со тули на куќа во Хартклиф истиот ден кога биле убиени.

Денеска поротата ги прогласи сите петмина соучесници за виновни за смртта на двајцата тинејџери. Подоцна ќе бидат казнети.

Главната обвинителка за југозападна Англија, Вики Кук, оцени дека убиството на Рист и Диксон длабоко ја вознемирило локалната заедница и цел Бристол.

„Без разлика кој поединец ги предизвикал фаталните повреди, доказите покажуваат дека сите петмина обвинети работеле заедно и ја делеле одговорноста за ова ужасно злосторство“, додаде Кук.