Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска за време на разговорот со германскиот канцелар Олаф Шолц дека Русија никогаш не одбила да преговара за крај на конфликтот во Украина, додавајќи дека можните договори треба да ги земат предвид безбедносните интереси на Русија и да се засноваат на „новата реалност на терен“ и да се решат причините за конфликтот.
Од Кремљ објавија дека Путин и Шолц имале „детална и искрена“ размена на мислења за ситуацијата во Украина.
Во разговорот Путин истакна дека Русија секогаш ги исполнувала договорните обврски во енергетскиот сектор и дека е подготвена за заемно корисна соработка на тоа поле, доколку е заинтересирана и Германија.
Рускиот претседател оцени дека руско-германските односи доживеале „невиден деградација“.
Руските медиуми јавуваат дека Путин и Шолц разговарале и за ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток.
Путин и Шолц се договориле нивните помошници да останат во контакт и во иднина, пренесува руски Интерфакс.
Претходно Ројтерс објави дека Шолц за време на разговорот со Путин побарал Русија да покаже подготвеност за преговори со Украина и целта за праведен и траен мир и побарал Русија да ги повлече своите трупи од украинска територија.
Шолц повтори дека Германија е решена да ја поддржува Украина во војната со Русија што е можно подолго, објави портпаролот на германската влада, додавајќи дека Шолц, пред да му се јави на Путин, разговарал со украинскиот претседател Зеленски.
Тој „јасно му стави до знаење“ на Путин дека испраќањето севернокорејски војници во Русија за да учествуваат во борбени мисии против Украина е сериозна ескалација и проширување на конфликтот.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, со кого Шолц разговараше пред средбата со Путин, се спротивстави на разговорот меѓу германскиот и рускиот лидер.
„Претседателот рече дека тоа само ќе му помогне на Путин во намалувањето на неговата изолација. Путин не сака вистински мир, туку само пауза“, изјави за Ројтерс неименуван извор од кабинетот на Зеленски, пренесува Танјуг.
Разговорот меѓу Путин и Шолц, прв од декември 2022 година, траеше околу еден час наутро.