Кираца Трајковска по интуиција ги поврзала исчезнатите Вања и Панче

НОВО РОЧИШТЕ СО НОВИ СВЕДОЧЕЊА И МОМЕНТИ ЗА ГРОЗОМОРНОТО УБИСТВО

1359

Напната беше атмосферата во судницата од продолжението на судскиот процес за двојното убиство на 14-годишната, Вања Ѓорчевска, и велешанецот Панче Жежовски. Нервозни беа одговорите на дел од сведоците, особено на сестрата на обвинетиот Александар Ѓорчевски, која се вознемируваше на дел од прашањата на обвинителката кои се однесуваа на зависноста од дрога на Александар во минатото, неговиот работен однос и сопственоста на станот во кое живее семејството Ѓорчевски.

Највпечатливо беше сведочењето на поранешната директорка на „Фершпед“, Кираца Трајковска, мајка на често спомнуваниот Гоце Трајковски, кој пак не се појави да сведочи, бидејќи како што го оправда неговата мајка имал паничен напад и му се покачил притисокот. Со семејството Ѓорчевски биле поврзани преку старо кумство, ама се и во роднински врски со Палевски, прва братучетка на Трајковска е сопруга на првообвинетиот за свирепите убиства.

Кираца Трајковска од Белград, каде што била на гости кај незината ќерка, давала инструкции како семејството Ѓорчевски преку синот Гоце да ја водат истрагата. Откако ја исклучиле можноста дека девојчето побегнало, бидејќи не ја забележале на снимките од камерите, таа го насочила нејзиниот син да почнат со забележување на возила. Цело време синот ѝ испраќал слики од сомнителни возила на неговата мајка, која во судницата самата се претстави како истражителка и водич на целата операција.

„Гоце ми испрати скриншот слика на која се гледа едно старо сиво возило (мисли на цитроенот на Панче) кое бавно се движи пред зградата на Зорица (мајката на Вања), но марката и табличките не можев да ги видам. Претпоставував дека вози стар човек, а по гасот од ауспухот и по она што ми го опиша Гоце, заклучив дека само што тргнало да вози, накај менувачницата, а на снимката се гледало и како поминува пик-ап“ –  Трајковска детално ја опиша снимката што ја прибавиле од фризерницата.

Трајковска е ситна и повозрасна жена, но зборуваше многу брзо и енергично, со скрстени раце шеташе лево десно на местото каде што сведоците треба да одговараат стоејќи. Со цел поблиску да ги истакне достигнувањата од сопствената истрага за грабнувањето, мавташе со рацете и често го исклучуваше микрофонот во судницата. Во еден момент, судијата ја предупреди дека може да ја казни поради недолично однесување. Нејзиното сведочење остави главен белег на судењето. На прашање на обвинителството како ја поврзала снимката од автомобилот на Панче Жежовски со исчезнувањето на девојчето, Трајковска рече – по интуиција, веќе знаела за исчезнатиот велешанец, кој бил човек во години и таа лично ја дала идејата да го бараат истото возило и на други снимки. Преку нејзините семејни контакти пронашла човек од бензинската во Велес, кој, пак, им ги дал снимките на кои се гледа како Панче точи бензин во „цитроенот“ со велешки таблички. Првично си претпоставила дека можеби тој ја грабнал Вања, но иако теоријата ѝ била погрешна, сепак таа и нејзиниот син со клучната снимка од „цитроенот“ ја насочиле полициската истрага во вистинскиот правец. Трајковска ги стави  показалците на својата глава и извика „Излезе на крај дека е така, сум имала право“.

По прашањата од обвинителството, се пријави и обвинетиот Палевски, па ја запраша неговата роднина по сопруга – „Дали веруваш дека јас сум ја убил Вања? На што сведокот малку потивко од претходно одговори – „Ако е причината пари, не“. Трајковска претходно откри и дека во минатото со адвокати му помогнала на Палевски, кога тој беше уапсен во Белград за друго дело сторено во Хрватска.

На рочиштето сведочеше и семејството на обвинетиот Александар Ѓорчевски. Потврдија дека тој пред 25 години се излечил од дрога по што основал сопствено семејство. Работел во „Фершпед“, па во „Кометал“, но за време на убиството на Вања, не работел. Неговата сестра Оли Нешковиќ, на моменти се вознемируваше од овие прашања на обвинителството. Кажа дека полицијата им ја наметнувала теоријата оти Вања самоволно заминала, па морале самите да истражуваат. Дека е грабната сфатиле откако не го забележале девојчето на ниту една од снимките.- „Сакавме да ангажираме детективска агенција од Босна, им пративме писмо во Американската амбасада, стрина и на Зорица отиде кај јасновидец, ако требаше и на Бајден ќе му пишевме, после два дена изгубивме доверба во полицијата“, – кажа сестрата на обвинетиот Ѓорчевски и откри дека во полициската станица инспекторот ја прашал дали нејзината снаа (Зорица Ѓорчевска) е во врска со Палевски, на што таа му одговорила негативно.

Внукот на Александар Ѓорчевски, Иво Нешковиќ, кажа дека за да го смири неговиот вујко, му напишал порака на Илион Маск на социјалната мрежа „X“, да помогне во потрагата со неговите сателити во вселената заради следење на информации. – „Знаев дека нема Илион Маск да му одговори на Иво од Скопје, но му напишав двапати, предложив полицијата преку Владата да испратат барање до компанијата ЕПЛ, бидејќи можат да ги следат нивните телефони и покрај тоа што се исклучени“, – одговори сведокот на прашањето за неговата улога во потрагата по Вања. Кажа дека двапати му позајмувал пари на неговиот вујко, но тоа го правел бидејќи во семејството си помагале кога имало потреба. Претходно сведочеа и родителите на Ѓорчевски од кои се разбра дека тој живеел со неговата мајка на улицата „Партизанска“.

Судењето за двојното убиство продолжува на 20 ноември, на кое треба да сведочи Гоце Трајковски.

За двојното убиство на Вања и велешанецот Панче обвинети се Љупчо Палевски, обвинителството тврди дека директно пукал во девојчето и пензионерот. Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев, неговите сопартијци од Десна кои му помагале во планирањето на убиствата и Александар Ѓорчевски татко на Вања, бидејќи според обвинителството му кажал на Палевски кога ќе излегува Вања за на училиште. Таа е киднапирана од зградата во која живее семејството Ѓорчевски, стан на име на нејзиниот татко, а го градела фирмата во сопственост на Палевски, „Упа инжинеринг“. Грабната е во влезот и ставена во гепекот од возилото „цитроен“ на Жежовски, кој пак претходно го ликвидирале и закопале во непристапно место близу Велес. Зад „цитроенот“ за цело време до местото на убиството на Вања, во околината на Бразда, вози рено кангуто“ во кое обвинителството тврди дека се наоѓа Палевски. (П.А)