Поради вашиот дијабетес ја менуваме договорената камата – Хрватка шокирана од реакција на банката со која договорила кредит

79

Кога ќе земете кредит во банка, логично е дека на вашите услови влијае, на пример, висината на вашата плата. Но, што се случува кога ќе добиете мејл од банката во кој ве информираат дека ја менуваат претходно договорената камата бидејќи дури подоцна дознале – дека имате дијабетес?

Жена која во Ерсте банка договарала станбен кредит од 180.000 евра, со рок на отплата од 25 години, наишла на таков случај, пишува „Јутарњи лист“.

Таа вели дека како долгогодишен клиент договорила поповолна каматна стапка со банката, па наместо 3,6 и понудиле стапка од 3,3 проценти. Непосредно пред да го потпише договорот за кредитот добила мејл од Ерсте банка во кој ѝ испратиле анкетен лист на „Винер осигурување“, чие пополнување било предуслов за полиса за отплата на осигурување.

-Во тој прашалник имаше различни прашања, а меѓу другото требаше да одговорам дали боледувам од некоја од 13. наведени видови болести, меѓу кои беше и „дијабетес зависен од инсулин“. Бидејќи навистина боледувам од дијабетес, ја заокружив таа болест, верувајќи дека тоа ќе влијае на висината на полисата, но не го очекував тоа што се случи подоцна, раскажува таа за Јутарњи лист.

Откако го вратила пополнетиот прашалник во банката, добила мејл со шокантна содржина: „Поради вашиот одговор „ДА“ на 13. прашање, не ги исполнувате условите за осигурување за отплата на кредит. Ве молиме да ни се јавите за средба за да можеме да договориме друг вид на полиса за осигурување, а со тоа се менува и каматата на кредитот“.

Голготата на оваа загрепчанка продолжува со неколку средби во банката по што таа со својата упорност ја издејствувала претходно договорената камата, но сменет бил видот на осигурување на кредитот, а главнината била намалена за три илјади евра.

-Сепак, се прашувам што се случува со оние кои не се толку упорни? Покрај тоа, она што најмногу ме налути беше фактот што банката цело време тврдеше дека каматната стапка на кредитите не се заснова на здравствената состојба и дека прашалникот за здравствена состојба се пополнува исклучиво заради склучување полиса за осигурување, а не за договор за заем. Од мојот случај е јасно дека тоа не е точно, тврди жената.

„Јутарњи лист“ побарал коментар од Ерсте банка, но оттаму одговориле дека за конкретниот случај не можат да зборуваат затоа што тоа е банкарска тајна, но горе-долу го повториле она што ѝ го рекле на жената – дека каматната стапка за кој било кредитен производ кај нив не зависи од здравствената состојба на корисникот. За осигурувањето потребно за кредитот посочиле дека објективно покрива повеќе ризици во однос на поедноставните полиси за осигурување на живот или несреќи.

-Сепак, ова во никој случај не е дискриминација, туку претпазливо управување со ризикот што ние како банка сме обврзани да спроведеме, одговориле од банката.

Сепак, жената смета дека тука има дискриминација, но додава дека во целата приказна највиновна е таа самата – затоа што била искрена.