Култната сала „25 Мај“ во Радовиш, значајна за спортот во градот и во целиот регион, ќе го врати стариот сјај. Министерот за спорт, Борко Ристовски, го означи почетокот на нејзината реконструкција.
Станува збор за една од поголемите капитални инвестиции на ова Министерство.
– Радовиш отсекогаш бил спортски град и „вадел“ врвни спортисти. Со задоволство го прифативме проектот на градоначалникот Ацо Ристов за да успееме да ја вратиме оваа култна сала онаму каде што ѝ е местото, повторно да биде место на големи спортски настани. Ова е инвестиција од 20 милиони денари, со која ќе биде извршена комплетна санација на подот, на трибинскиот простор и на соблекувалните. Со реализацијата на овој проект, ќе ѝ се врати сјајот на старата сала, но и желбата да се одржуваат што повеќе спортски настани во Радовиш – истакна Ристовски.
Реконструкцијата на спортската сала во Радовиш треба да биде завршена до почетокот на наредната година.
Ристовски нагласи дека Министерството за спорт останува посветено на развојот на спортот и на обезбедувањето распределба на средствата за изградба и реконструкција на спортската инфраструктура низ сите општини во земјата.
Владата минатиот месец потпиша договори со општините за реализација на 274 проекти за капитални инвестиции, во вредност од 4,1 милијарда денари. Договорите се однесуваат на реализација на проекти во делот на образованието, транспортот, социјалната политика, културата и туризмот, животната средина и во спортот. Во областа на спортот беа потпишани договори во висина од 220 милиони денари, за изградба и реконструкција на спортски сали, центри за спорт, рекреативни паркови и други објекти од спортската инфраструктура.