Прекината блокадата на патот кон депонијата во Кочани

12

Граѓаните од Кочани ја прекинаа блокадата на крстосницата кај селото Бели. Тие 18 дена го контролираа пристапот кон градската депонија, за комуналните возила од општините од регионот.

Според Одборот на граѓанската иницијатива за протестот, причина за прекинот на блокадата е тоа што ѝ веруваат на локалната самоуправа, откако Советот на Општината, на последната седница, му даде едногласна поддршка на барањето да не се носи отпад од другите општини на кочанската депонија.

– Наша конечна цел е чист воздух и здрава околина во нашето Кочани. Сега, во насока на реализирање и спроведување на донесената одлука, а сè до формирањето на надзорното тело, односно екопатролата за управување со отпадот на територијата на Кочани, група граѓани ќе продолжат со 24-часовен мониторинг на работата и дотурот во депонијата. Во моментот, според одлуката на Советот на Општина Кочани, единствена надлежност за депонирање има КЈП „Водовод“ и тоа ќе управува само со отпадот на територијата на Општина Кочани – истакнаа од Одборот во писменото соопштение до јавноста.