За изградба на градинки и училишта нема да се плаќаат комуналии

20

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека наредниот повик на Владата за општините ќе биде објавен во февруари-март 2025 година и со законските измени се овозможува сите јавни објекти, како што се градинки, училишта што се сопственост на државата да бидат ослободени од плаќање на комуналии

 

Наредниот повик на Владата за поддршка на општините ќе биде објавен во февруари или март наредната година, во зависност од подготвеноста на општините, најави премиерот Христијан Мицкоски, по одржувањето на годишната конференција на граѓански организации: „Соработка меѓу Владата и граѓанското општество“, која се одржа во Скопје.

Според Мицкоски, за општините олеснување ќе биде и тоа што со донесените измени на Законот за градежно земјиште ќе бидат ослободени од плаќање на комуналии при изградба на училишта и градинки.

– Донесовме измени во Законот за градежно земјиште, со што сите оние јавни објекти како што се градинки, училишта кои се сопственост на државата ќе бидат ослободени од плаќање на комуналии. Имаше случаи во Скопје, Градот Скопје, знаете таму состојбата каква е, да го оддолжува периодот, да не ги ослободува скопските општини од комуналии, па тие не можат да почнат со градба на градинки, училишта итн. Сега со овој закон и таа пречка е отстранета – изјави Мицкоски.

Тој додаде дека Владина определба е едносменското учење во основните училишта.

– Тоа ќе значи сигурност за самите родители и поголемо дружење за децата. Поголемо, би рекол другарување, разменување знаења, стекнување пријателства итн. А тоа значи дека ќе мора да има некакви градежни интервенции во некои училишта, каде што има двосменско работење – нагласи Мицкоски. 

За претходниот повик дел од општините дополнително требаше да достават дополнителни документи, за што информациите треба да ги обезбеди Министерството за локална самоуправа.