На Детска клиника немало ни апарати за мерење тензија?!

Директорот Мемеди открива во какви услови се лекуваат бебињата      

14

Кујната на Детска клиника каде што се подготвува храна за бебиња и деца е риунирана и во комлетно амортизирана состојба. Инвентарот е постар од 20 години и тешко може да се оддржува по стандарди како што треба, вели директорот Детска клиника Реџеп Мемеди. Тој на прес конференција откри со какви предизвици се соочува од пред четири месеци откако е прв човек на Клиниката. Вели дека има проблеми и со пумпите за вода и речиси секојдневно имаат проблем со притисокот, а се пожали и дека лифтовите се постари од 40 години и се во вон функција. Мемеди информираше дека кога стапил на функцијата, имал десетици барања, немало апарати за мерење тензија, монитори… Во четирите месеци откако е директор рече дека наишол на многу наталожени проблеми, нерешени со години.

–Во вакви простории на Детската клиника, со години се подготвува храната за деца. Ова не е високоризично? Веднаш презедов мерки – изготвување решенија и сега сме во фаза на решавање на овој проблем – просторно и во обезбедување комплетно нова опрема и инвентар. Има неколку пумпи за вода што секојдневно прават дефекти, секоја недела имаме проблем и недостаток на вода. Една од тие пумпи е хидрофор што обезбедува висок притисок за хидрантите што се на спратови во случај на пожар и тој хидрофор од 2018 година е надвор од употреба. Замислете, да имаме пожар по спратови, ние немаме притисок, односно немаме вода за гасење пожар. Е, ова е високо ризичен момент, рече Мемеди.

Најави дека за кратко време ќе биде обезбедена комплетно нова пумпна станица, а за лифтовите рече дека се работи на проект и ќе се монтираат комплетно нови лифтови. Како што посочи, додека е тој директор набавен е нов ЕЕГ апарат.

Мемеди смета дека периодов имало кампања против Универзитетската клиника за детски болести и лично против него, иницирана од поединци кои имале лични интереси и болна намера за власт и позиција, преку злоупотреба на детски судбини.

– Тие поединци многу добро знаат дека за дезинформациите, клеветите и расистичките натписи, кривично се одговара и затоа, немаат смелост да излезат јавно со име и презиме, туку се кријат позади лажен „Фејсбук“ профил. Меѓу другото, имаше тенденција да се прикаже дека за време на моето директорување, што беше само три месеци во октомври, сега четири месеци, има голема стапка на смртност на Детската клиника, но фактите го говорат спротивното, рече Мемеди. Тврди дека сега има двапати помала стапка на смртност во споредба од пред пет години.

– Од прикажаната табела со податоци од информатичкиот систем на Детската клиника, јасно се забележува дека сега имаме скоро двапати помала стапка на смртност во споредба со пред пет години, односно трипати помала смртност во споредба со пред девет или 10 години, кога имало во просек и по девет умирања месечно, т.е. на секој трет ден по еден смртен исход просечно, во време кога други директоруваа со Детската клиника и имаше друга власт во државата, рече Мемеди.

Во однос на забелешките од инспекцискиот надзор дека на Клиниката дежураат специјализанти, Мемеди рече дека специјализантите се присутни во секое време.

– Недостатокот на кадар е системски проблем што се провлекува со години. На нашата Клиника дежураат и специјализанти, меѓутоа во секое време тука се достапни специјалистите, кои исто така дежураат. Значи, не дека немаме специјалисти дежурни кои апсолутно дежураат. Меѓутоа, секако дека имаме сериозен недостаток на кадар. Во последните 14-15 години од нашата Клиника заминале 40 специјалисти, половина од нив во пензија, а половина во приватното здравство и се поставува прашањето, зошто се случил ваков егзодус на стручен кадар од Детската клиника? Тоа прашање треба да се анализира. И овој проблем јас сум го наследил. Затоа, ваков гаф во смисла на кадар во институција, особено на Детската клиника, е прашање што треба да се решава во од, тоа не може преку ноќ да се реши, смета Мемеди.

Тој нагласи дека во однос на забелешките од надзорните комисии за трите починати деца изминатиов период, само во едниот случај имало стручни забелешки.

– Јас сум презел мерки и ќе има индивидуална одговорност и веќе има. А во вториот случај за новороденчето од Струмица, наодот од стручниот надзор тврди дека нема никакви стручни пропусти. За последниот случај, наредната недела ќе има стручен надзор и ги очекуваме официјалните конкретни наоди, информираше директорот.

Околу преземените мерки за двајца лекари за смртта на 14-месечното бебе, директорот појасни дека согласно законските задолженија, тој формирал комисија за утврдување одговорност за дисциплински престап врз основа на официјалните извештаи од Комисијата за стручен надзор и постапката е во тек. Појасни дека има законски рок од 60 дена, Комисијата да одлучи за мерките за одговорност за конкретните колешки.

На Детска клиника, за еден месец имаше три смртни случаи.