Машкото здравје е во фокусот на настанот „Пуштам БРК, БРКам здравје“, во организација на „ДМ дрогерие маркт“, кој ќе се одржи в недела во 11:00 часот, во Градскиот парк во Скопје.
Ентузијастите што веќе се пријавија, ќе возат две велосипедски маршрути од 100 километри и од 3,5 километри, но сите заинтересирани ќе може да дадат поддршка за важноста на оваа тема со активност на статични велосипеди пред Школка.
– На овој простор ќе бидат позиционирани статични велосипеди, кои секој посетител ќе може да ги вози, а целта е сите заеднички, преку вртење на педалите, да исцртаме еден голем мустаќ на голем екран и да се даде поддршка за оваа кауза. Водител на севкупната активност ќе биде актерот Игор Ангелов, кој ќе ги мотивира и охрабрува мовембер поддржувачите. Секој што ќе учествува ќе добие бројче, а по настанот ќе се одржи и извлекување, на кое најсреќните ќе добијат подарок – велат организаторите.
Дополнително, сите присутни ќе имаат можност да дегустираат вкусни и органски дм биозакуски, подготвени од Симона Коруновска, инстанутриционист. Воедно, ќе има и посебно катче каде што секој ќе може да ја среди брадата или мустаќите со искусен бербер.
Од компанијата порачуваат дека, без разлика дали пуштате мустаќи или едноставно започнувате разговор, важно е да се вклучите во овој настан за сите заедно да помогнеме да се скрши стигмата околу машкото здравје и да се создаде иднина во која мажите ќе живеат поздрав и подобар живот.