Аерозагадувањето веќе го зема данокот. Скопје, Кичево, Битола, Тетово, Куманово, Струмица се едни од најпогодените градови. Главни извори на загадувањето остануваат зимското затоплување, индустриските активности и интензивниот сообраќај.

Како последица на зголемените концентрации на штетни ПМ 2,5 и ПМ 10-честички, сè почести се респираторните болести, како кашлица, кивање, течење нос…

Докторите што ги лекуваат луѓето од последиците на загадениот воздух, потенцираат дека во изминатиов период не се преземени доволно ефикасни мерки што ќе го намалат аерозагадувањето, кое е опасност за здравјето со децении.

– Надлежните не презедоа доволно ефикасни мерки за да се ублажи оваа состојба. Ветувањата за чист планински воздух и за решавање на проблемот со загадувањето останаа празно ветување и направија некои наши урбани центри да се шампиони во загаденоста и неподносливоста на урбаното живеење – вели професорот Андон Чибишев од Клиниката за токсикологија.   

– Загадувањето е опасност што трае со децении. Последиците се чувствуваат постојано. Алармот одамна е вклучен, но… – вели д-р Ангелчо Андоновски, специјалист педијатар.

А, партиите, пак, почнаа да си ја префрлаат вината едни на други. Сегашните власти велат дека претходната Влада, предводена од СДСМ, седум години била на власт и системски ја уништувала државата, а опозициската партија го впери прстот кон ДПМНЕ, дека не прави ништо за загадениот воздух, а се фали со централата што била стратешка инвестиција на СДСМ.

Премиерот Христијан Мицкоски деновиве најави дека за 60 % ќе биде намалено загадувањето на воздухот со изградба на когенеративна гасна централа, но смета дека тоа не е нешто што се решава веднаш, туку дека ќе треба да помине период од барем три години.

– Загадувањето на воздухот не е проблем од вчера и за кој може да се изнајдат инстант решенија што магично ќе го прочистат. Тоа е комплексен проблем, кој бара системски и долгорочен пристап, со конкретни мерки и проекти, и поголеми вложувања во животната средина со цел намалување на загадувањето. Но, состојбата со загадениот воздух, особено во Скопје, е таква каква што е затоа што СДС за седум години на власт ништо не направи во овој поглед. Освен што на предизборните митинзи, по кои ѝ ја презедоа власта, викајќи на цел глас: „Ајро, ајро, нема воздух“, ветуваа чист воздух за македонските граѓани, за седум години на власт не мрднаа со прст. За седумгодишното владеење, единствената мерка што ја презеде СДС против загадениот воздух е тоа што им делеше совети на македонските граѓани, особено на скопјани, да не проветруваат и да не ги отвораат прозорците од домовите – потенцираа од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ велат дека ДПМНЕ седум години ги блокирала сите процеси значајни за државата, за економијата, па дури и еколошките проекти на СДСМ со кои денеска се фали.

– Со мерките на СДСМ и Планот за чист воздух се предвидуваше промена на нееколошкиот начин на загревање на градинките, училиштата, јавните објекти, со што се обезбеди годишно намалување на штетните честички ПМ 2,5 во воздухот за 564 килограми, намалување на ПН 10 за 735 килограми годишно, а се заштедија и 391.446 евра само во една година, за затоплување – велат од СДСМ.

Оттаму потенцираат дека во мандатот на СДСМ започнале сите стратешки инвестиции во гасификацијата, како и когенеративната центала со која ДПМНЕ денеска се фали.

– Борбата со загадувањето е процес, но ДПМНЕ не прави ништо за тоа. Политиките се гледаат во буџетот. Во буџетот за 2025, нема пари за борба против загадувањето – велат од СДСМ.

(С.Бл.)