ССМ бара минимална плата од 450 евра пред Нова година

84

Минимална плата од 450 евра пред Нова година, е барањето на синдикатите, кои инсистираат што побрзо да се седне на маса во рамките на Економско-социјалниот совет. Не треба да се чека март, кога е законскиот рок за усогласување со движењата на инфлацијата, односно со трошоците за живот, и со просечната плата. Тогаш барањата може да бидат и повисоки.

Зголемувањето е неопходно за да се зачува стандардот на работниците, тврдат од ССМ, чија минимална синдикална кошница за октомври изнесува 61.249 денари, а борбата е минималните примања да достигнат 27.600 денари. Актуелната минимална сума сега е 22.567 денари или 370 евра. А, во март идната година, како што ценат од Министерството за финансии, би требало да е околу 24.400 денари. Сегашната пресметка за зголемување на минималецот упатува на износ од 1.800 денари.

Како пример сега се посочува Босна и Херцеговина, каде што минималната плата од почетокот на идната година ќе биде безмалку двојно повисока – од 310 на 600. Решение, чија примена ќе оди паралелно со фискалните реформи, при што работодавачите делумно ќе бидат ослободени од плаќање на придонесите.

Во 2025 година и Србија ќе стартува со поголем минималец за 13,7 проценти, кој е утврден на износот од 53.592 динари, односно 458 евра.

Засега, минималната плата во Црна Гора е 450 евра, а за нешто повеќе од еден месец следи сериозна промена, со воведување на две нивоа одредени според образованието, од 600 и од 800 евра. Првата сума е гарантирана за лицата со масимум средно, а втората за вработените со вишо и високо образование.

Исто така, од први јануари и во Хрватска следуваат измени на тоа поле. Минималната нето-плата се зголемува за 15 насто и носи разлика од 80 евра, од сегашните 670 на 750 евра.

Што се однесува до земјите од Европската унија, утре треба да стапи во сила новата директива за минималните плати, според која, нивото мора да биде во висина на 60 отсто од просечната плата. Кај нас, според податокот на Државниот завод за статистика, кој е за август, просечната плата е 41.097 денари, а минималецот е во висина на 54,9 проценти.