Културниот центар „Пароброд“ во Белград 14. до 16. ноември ќе биде домаќин на првата српска Ревија на македонскиот филм. Станува збор за тридневен настан посветен на наградуваните македонски филмови кои освојиле признанија на меѓународни фестивали и носат силен уметнички печат на препознатливите македонски режисери и сценаристи од Македонија. Манифестацијата ќе се содржи три дела: филмски, музички и културно-деловен сегмент.

Филмскиот дел, како централна компонента, вклучува: документарни, краткометражни, и долгометражни играни филмови, како и македонски класици (во соработка со Кинотеката на Македонија) и филмски журнали (во соработка со Филмските новости на Србија). Посебен куриозитет се филмските журнали – досега необјавени архивски материјали од Филмските новости, кои ќе прикажат сегменти од животот во Македонија.

Ревијата се отвора со светски признатиот документарен филм „Медена земја,“ двојно номиниран за Оскар и победник на Санденс фестивалот, со што го обележа историјата на македонската и светската кинематографија. Проекцијата ќе биде проследена со разговор со режисерката Тамара Котевска, која ќе ги пренесе уникатните искуства од работата на овој филм и преку мастер клас со студентите по филмска режија.

Посебно место во програмата зазема и култниот филм „Дае“ на режисерот Стојан Попов, првиот македонски филм номиниран за Оскар во категоријата најдобар краткометражен филм 1980. година, како и краткометражни филмови како наградуваниот филм „Северен Пол“ на Марија Апчевска, кој освои преку 19 награди и беше номиниран за Златна палма на Канскиот фестивал, и филмот „Бубачки“ на режисерот Игор Иванов-Изи, кој го доби „Златниот леопард“ на Локарно филмскиот фестивал.

– Македонската култура, и особено македонскиот филм и музиката, се дел од богато наследство, каде традиционалните и современите вредности се испреплетуваат на еден возбудлив начин што луѓето во Србија често го чувствуваат како свое. Ова чувство произлегува не само од заедничкото општествено-политичко минато, туку и од уметничките врски меѓу овие простори, каде културата и уметноста служеле и продолжуваат да служат како поврзувачка нишка на Балканот, велат организаторите на настанот продуцентските куќи „Филмоскопија“ од Србија и „Нест Продукција“ од Македонија.

Директор на ревијата е Јорданчо Петковски, а уметнички директор Вардан Тозија.