Обвинителската „војна“ ја отвори Пандорината кутија

Притисоци, мобинг, амбиции, злоупотреби...обвинувањата во Обвинителствата не запираат

372

Суспендираниот шеф на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, против кој обвинителството во Штип отвори истрага за малтретирање и злоупотреба на службената должност обвинува дека целиот случај има заднина, а прстот го впери во државниот обвинител Љупчо Коцевски и една обвинителка, која како што рече има претензии да го заземе неговото место. Хајрулахи не сакаше да каже дали се работи за неговата колешка со која си разменуваа кривични пријави, обвинителката Фатиме Фетаи. Тврди дека не знае кој службениците му поднеле пријава за малтретирање на работно место

„Немам информација од кого е кривичната пријава, од обвинителството во Штип ниту ми се јавија по телефон да ме известат. Кривичната пријава е поднесена на 31 октомври денот кога јавно обзнанив дека ќерката на државниот обвинител изнесува информации од обвинителството во еден медиум. Дојдоа кај мене тројца од четворицата обвинители од вишото и ми признаа дека имале инструкции и оти биле излажани, така им било кажано, да се оцрни мојата работа. Ми рекоа: обвинителе, ќе ве разрешат и ќе дојде на вашето место обвинителката која го сака тоа место“, кажа суспендираниот обвинител Хајрулахи кој по одржаната прес конференција од пред зградата на обвинителството не смееше да се врати на работното место.

Уште еднаш кажа дека државниот обвинител Љупчо Коцевски му вршел притисок со цел обвинителството со кое тој раководи да ја потврди одлуката на обвинителството за организиран криминал и корупција за предметот оформен по кривичната пријава на ВМРО-ДПМНЕ а станува збор за бонусите кои им ги делеше Катица Јанева на поранешните специјални обвинители.

– Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски со одлука ме оддалечи од функцијата виш јавен обвинител, со образложение дека против мене се води кривична истрага во ОЈО Штип за мобинг, а всушност тенденцијата е мене да ме отстрани од функцијата и да ме замолчи. Истовремено, да ги заплаши и другите обвинители кои постапуваат согласно законот, а со цел да се донесат нарачани одлуки. Пред извесно време, на 19 септември, републичкиот обвинител ме викна кај него во канцеларија и ми рече дека за предметот со бонусите на вработените во СЈО треба да донесам одлука со која ќе се потврди првостепеното решение на ОЈО за гонење на организираниот криминал и корупција и дека не треба да му се даде својство на оштетен на подносителот на кривичната пријава, односно на ВМРО-ДПМНЕ. Јас реагирав и кажав дека како обвинител не би се дрзнал на друг обвинител, кој постапува во предметот, да му наредувам да носи каква било одлука по нарачка – рече  обвинителот Хајрулахи.

Предметот со бонусите на СЈО, камен на сопнување меѓу Хајрулаху и Коцевски е се уште на одлучување во Вишото обвинителство.  Суспендираниот Хајрулахи го обвинува Коцевски дека му пуштил контрола веднаш откако му го одбил барањето да го „реши“ предметот. Смета дека двајца од тројцата обвинители не смееле да ја вршат инспекцијата бидејќи едниот бил неговиот заменик обвинителот Елвин Вели, а другиот била поранешната специјална обвинителка, Лиле Стефанова, според Хајрулахи таа не смеела да прави контрола над предметите од СЈО, а тоа биле Поштенска банка и за новинарот Драган Павловиќ-Латас.

„Според Законот за ЈО, 30 дена по надзорот треба да ни се достави извештај со констатации. Поминаа 30 дена, надзорот беше на 10 октомври, но ние сè уште го немаме извештајот. Од проверени и сигурни информации ќе ви кажам дека извештајот не ни е доставен со цел да се отстрани срамот од републичкиот обвинител, кој и тоа како брутално се однесува со Вишото обвинителство, затоа што од тројца, двајца обвинители одбиваат да се потпишат на извештајот од надзорот. Тие не се согласуваат со констатациите на еден јавен обвинител, кој што беше тенденциозен за целото време од надзорот“ – рече Хајрулахи.

Државниот обвинител Љупчо Коцевски ги отфрла обвинувањата од Хајрулахи. Од неговиот кабинет велат дека одлуката за суспензија била превентивна, да не влијае штетно врз работата на обвинителството со кое раководи.

„Во однос на наводното изнесување доверливи информации, повторувам ниту една доверлива, ниту каква било друга информација во врска со извршениот надзор над Вишото јавно обвинителство не е ’изнесена’, од ЈО. Извештајот деновиве е доставен до Јавниот обвинител, веќе е разгледан и ќе биде вратен на обвинителите кои го вршеа надзорот со цел да се произнесат. Што се однесува до снимката која беше објавена, ОЈО има индиции кој ја снимил. Се преземаат мерки, особено е загрижувачки што предмет на снимање била ќерката на државниот обвинител, што преставува посебна форма на притисок врз работата на обвинителот“ – стои во реакцијата од кај Државниот обвинител

Пред неколку дена Хајрулахи во дел од медиумите достави снимки за кој како што кажа му ги доставил свиркач, а за кои тврди дека станува збор за ќерката на Коцевски и новинарка. По објавата ЗНМ остро реагираше за грубо кршење на новинарските права. (П.А)