Градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, заедно со Здружението на продолжувачи на борци од Кисела Вода, денеска ја открија спомен-плочата, подигната во чест на загинатите партизани кои учествувале во битките за ослободување на Драчево и Скопје.
Честитајќи го 12 ноември – Денот на ослободувањето на Драчево и денот кога во 1944 година во селото Војница, велешко, се формирала дванаесеттата македонска-скопска ударна бригада, Ѓорѓиевски нагласи дека пред 80 години на овој ден, храбрите партизани не ги штеделе своите животи за слободата на Драчево, а ден потоа – и за слободата на Скопје.
– На самиот почеток, 500 храбри борци со прилично малку оружје, но со голема желба за слобода на татковината, придружени од Четвртиот скопски партизански одред кој бил составен од полетни младинци, решиле да одат до крај колкава и да биде цената за слобода, ако треба тоа да биде и животот. Првата битка која ги одзела и првите јуначки животи се одвивала на неколку стотина метри од тука, ноќта помеѓу 29 и 30 септември на железничката станица во Драчево, каде при нападот паднале многу жени, дечиња и повозрасни лица кои пожртвувано јуришале. На оваа битка и храброста на партизаните се препишува заслугата што хидроцентралата Матка останала неурната – истакна Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека веднаш по ослободувањето на Драчево, хероите се упатиле во битка за ослободување на Скопје и на 13 ноември, во најтешката и најкрвавата битка, храбрите партизани од Дванаесеттата македонска-скопска ударна бригада ја донеле слободата на главниот град.
-Во борбите за ослободување на Драчево и Скопје паднале многу херои кои чии имиња се трајно врежани во колективната меморија на македонскиот народ. Чест ми е што денес тука, ја откриваме спомен-плочата која ќе остане да сведочи за храбрите македонски воини кои го положија животот пред олтарот за слободата на Македонија. Нивното херојство ќе остане наш аманет да го пренесеме на генерациите после нас – заклучи Ѓорѓиевски.