Стоматолошки туризам во Албанија: Европејците „купуваат“ насмевки – поевтини за десетици илјади евра

121

Некогаш тоа беше европската Северна Кореја, затворена комунистичка диктатура. Но, сега Албанија привлекува милиони туристи годишно и доаѓаат сè поголем број во потрага по посветла насмевка или подобри гради. „Не сакам да зборувам како за медицински туризам. Звучи малку страшно“, рече Дритан Греми, кој води стоматолошка клиника во главниот град, Тирана. Претпочита да зборува за туризам на среќа. Ниските режиски трошоци и ниските даноци им помогнаа на албанските клиники со пониски цени да привлечат клиенти. Се проценува дека секторот за медицински туризам во земјата заработува меѓу 200 и 250 милиони евра годишно и дека најмалку 50.000 Италијанци секоја година ја посетуваат Тирана за лекување. Сепак, процедурите не се без ризик, оценуваат експертите

Греми вели дека неговата клиника нуди „висок квалитет на услуга и опрема“, гарантирани и сертифицирани според европските стандарди, и тоа за мал дел од европските цени. Тој има италијански, француски, белгиски и швајцарски клиенти, кои често се привлечени од пакет аранжманите, кои вклучуваат патни трошоци и сместување, пренесува „Хина“.

Патувањето на Стефан Пилат во Албанија започнало со надеж за нова насмевка по прифатлива цена. Тој и неговиот брат, од Валенс на југот од Франција, долго време страдале од проблеми со забите, кои ги натерале да направат сложена процедура за ставање заби.

– Во Франција имавме првична проценка, која беше многу, многу скапа. Потоа почнавме да бараме онлајн: Бугарија, Турција, Албанија, Шпанија – рече Пелат за „Асошиејтед прес“.

Пелат дознал за клиниката во Лион, на консултација со албански стоматолози. По првата посета во август, тој и неговиот брат биле задоволни од она што го виделе во Тирана и се вратиле наесен. Операцијата за забен имплант што ја избрал чинела приближно 50.000 евра во Франција, а само 13.500 евра во Албанија. Тоа не било мала разлика за Пелат.

– Важно е да се има убава насмевка – рече тој.

Натали Ганглоф, која работи во старечки дом во Коњак, западна Франција, исто така избрала клиника во Албанија за решавање на проблемите со забите. За забите платила помалку од 15.000 евра наспроти 42.000 евра што би требало да ги потроши во Франција. По отстранувањето и вградувањето на имплантот во февруари, таа се вратила во Тирана, на средината од септември, да се заврши работата, среќна што повторно ја има својата насмевка.

– Во мојата работа е важно да имам убави заби – изјави таа за „Асошиејтед прес“, додавајќи дека веднаш ја сменила сликата на профилот на Фејсбук за да ја покаже новата насмевка.

Клиниката не е хотел со пет ѕвезди

Ниските режиски трошоци и ниските даноци им помогнаа на албанските клиники со пониски цени да привлечат клиенти. Се проценува дека секторот за медицински туризам во земјата заработува меѓу 200 и 250 милиони евра годишно и дека најмалку 50.000 Италијанци секоја година ја посетуваат Тирана за лекување. Сепак, процедурите не се без ризик.

Предводникот на албанската национална асоцијација на лекари, Фатмир Ибрахимај, рече дека странските и домашните пациенти не треба да се потпираат само на онлајн рекламирањето на козметичките процедури и дека треба да внимаваат каде се лекуваат.

–  Клиниката не е хотел со пет ѕвезди – им изјави Ибрахимај на новинарите.

Сè повеќе странски туристи доаѓаат и за козметички третмани за разубавување на нивната насмевка, вели Моника Фида, дерматолог и универзитетски предавач во Тирана. Особено популарни се инјекциите со хијалуронска киселина во усните.

– Пред сè, тие сакаат да се чувствуваат добро и да имаат што е можно поприродно обликувани усни – додаде Фида, која вели дека секоја година од 750 до 1.000 странски пациенти ја посетуваат нејзината клиника.

Вера Панаитов, 60-годишна италијанска готвачка од Верона, прво дошла во Тирана да си ги поправи забите, но кога веќе била таму, решила да направи зафати и на градите и на половината.

– Треба да бидете убави на која било возраст и среќни во секое време – изјави таа за „Асошиејтед прес“, насмевнувајќи се од болничкиот кревет и додавајќи дека се чувствува како да е подмладена.