Нивниот последен албум „Song of a lost world“ е издаден на 1 ноември 2024 г., по цели 16 години молк, иако дел од песните ги свират на концерти од 2022 година. На него се наоѓаат осум прекрасни парчиња мајсторски музика и текст, полни со љубов, тага, депресија, емоционална болка, страв од непознатото, едноставно вистинско ремек-дело, можеби и на ниво на нивниот најзначаен албум – „Disintegration“ од 1989 година. И она што е најзначајно, останаа свои и по 14 албуми, еднакво возбудливи како на почетокот, а Роберт е сè уште она исто 18-годишно момче, само, меланхолично, како некој што дошол од друг свет

 

Љупчо ДАВЧЕВ

И ете сме тука, по речиси 50 години, повторно заедно, ние, публиката, и тој – бендот „The Cure“ (Robert Smith). Заедно растевме, заедно учевме, патевме, страдавме, се радувавме, заедно созревавме, заедно се разделувавме, сè заедно, но тој пред нас. Тој откриваше, ние гледавме да ги избегнеме неговите грешки. Ние, претставниците на таканаречената генерација X, и тој, „The Cure“, како претставник на генерацијата пред нас – Baby boomer, а сите други наредни генерации ќе го дочекаат неговиот момент на созревање и стареење. Но, тие ќе нè имаат нас како оние од кои ќе учат и да, ќе го имаат заветот на минливоста, тие ќе ја имаат елегијата во вториот камен-темелник (првиот е албумот „Disintegration”) на неверојатниот последен албум на „The Cure“ – „Song of a lost world“. Албум преполн со прекрасна лирика, полна со знаци и симболи, во кој Роберт од сопствено искуство ја покажува суштината на нештата, на тоа како стојат работите, без одговори и дека изборот како ќе се справиш е твој. Почнувајќи од „Alone“ (првата песна), каде што се опева минливоста на сè, изгубените љубови, соништа. И кога е веќе крајот тука, кога веќе старееме, остануваме сами и не ни се верува дека ќе нè прогонуваат спомените и дека ништо не можеме против тоа, само да се опуштиме и да се предадеме. Затоа што веќе ништо не е исто, голем дел од оние околу нас веќе ги нема. И затоа е ова крај на секоја песна, во која секој ја игра својата улога сам (Крај на секоја песна/И сè запира/Секогаш бевме сигурни дека никогаш нема да се промениме/И сè запира/Секогаш бевме сигурни дека ќе останеме исти/Каде отиде? Каде отиде?).

А, музиката, онаа препознатлива, темна, депресивна, полна со тешка атмосфера, со неверојатни звуци, бас и клавијатури, така интелигентно склопена, аранжирана, на која се додава прекрасниот глас на Роберт. Тешко дека некој друг може да напиша ваква химна, химна на генерацијата Х, која еден ден ќе прерасне во химна на секоја генерација. Тука е и прекрасната „And nothing is forever“, со таква музичка подлога што ги засенува сите други песни. Прекрасен инструментал вовед, кој трае, трае и трае, давајќи чувство на среќа и надеж, вознесувајќи. И тамам си се опуштил со ова неверојатно парче музика и ете, почнува да пее Роберт, кој прекрасно ја дополнува музиката, но она што боли е текстот. Подобро да не знаеш англиски. Вонвременска балада, мајсторски обработена и, можеби, најјака музичка нумера на албумот, препознатливиот звук на „The Cure“, но збогатен со годините, зрел. Текстот зборува за прекршени ветувања, за тоа дека двајца вљубени си дале збор дека ќе бидат заедно до крајот, дури и во тој последен момент (Вети дека на крајот ќе бидеш со мене/ Кажи дека ќе бидеме заедно и дека нема да заборавиш/ Колку и да е далеку, колку и да е далеку). Но, тоа е прекршено, од таа љубов останале само болни сеќавања. Во тие моменти, кога е смртта пред врата, се сеќаваш на сè, но најмногу на оној/онаа дека ќе биде со тебе во тој последен момент, во име на љубовта, зашто само љубовта му дава смисла на животот. Роберт е неверојатно плоден творец и најмногу доаѓа до израз кога има нешто што тотално го растргнува.

Во последниве неколку години, му се случија неколку трагедии, почина мајка му, неколкумина блиски роднини, но она што го погоди навистина, она што длабоко емоционално го скрши е смртта на брат му. Таа болка ја преточи во музика и текст во „I can never say goodbye“ (Во таа сурова ноемвриска ноќ/ На овој начин доаѓа нешто лошо/ Да му го украдам животот на брат ми/ На овој начин доаѓа нешто лошо/ Никогаш не можам да се збогувам).

И тука се соочува со фактот дека што и да направи, не може ништо да му помогне, беспомошен е и никогаш повеќе ништо не може да биде исто. Основната поента е дека целото човештво е тотално беспомошно пред судбината, никој и ништо не може да се скрие никаде. Чиста прекрасна емоција! А, музиката започнува повторно со долг инструментал (Во еден момент, особено првите 40 секунди, потсетуваат на македонскиот „Синтезис“, уште само зурла и гајда им недостига).

Чудо едно какви звуци вади бендот „The Cure“, со нормална постава од гитари, бас, тапани, синтисајзер. Колку е тоа повеќеслојна, неверојатно богата музика! Не за џабе се едно од најголемите и највлијателни имиња на светската музичка сцена. Како што стареат така и зреат, но никогаш не презреваат.

Нивниот последен албум, „Song of a lost world“, е издаден на 1 ноември 2024 г., по цели 16 години молк, иако дел од песните ги свират на концерти од 2022 година. На него се наоѓаат осум прекрасни парчиња мајсторски музика и текст, полни со љубов, тага, депресија, емоционална болка, страв од непознатото, едноставно вистинско ремек-дело, можеби и на ниво на нивниот најзначаен албум – „Disintegration“ од 1989 година. И она што е најзначајно, останаа свои и по 14 албуми, еднакво возбудливи како на почетокот, а Роберт е сè уште она исто 18-годишно момче, само, меланхолично, како некој што дошол од друг свет. Ако онаа нивна последна песна, „Endsong“ од последниов албум, означува дека е крај на овој нивни заеднички пат, тогаш може да признаам дека никогаш повеќе нема да се појави друга група како „The Cure“. И со тоа припаѓам во друштвото на привилегираните што живееле во нивно време.